Бугарија ќе ги преземе сите мерки во врска со случајот со Христијан Пендиков во Охрид и тие се веќе во тек, соопшти бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков.
Во изјава за БНТ, Милков кажа дека веќе ги информирал министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ на Советот за надворешни работи во Брисел. Пишан меморандум за овие прашања е доставен до сите земји-членки, а најави и средба со амбасадорите на ЕУ во Софија.
– Ќе се користат и други механизми, меѓу кои и механизмот на ОБСЕ, кој се уште има набљудувачка мисија во Скопје. Ги имаме алатките на Советот на Европа, прецизира Милков.
Шефот на бугарската дипломатија смета дека за прославата на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари двете земји и главно институциите во Северна Македонија мора да останат смирени и да се воздржат од какви било провокации за да се обезбеди потребниот ред, а секој што сака, да оди и да се поклони.
– Што се однесува до контранападот против Ангел Џамбазки и други наши политичари, мислам дека ова е дел од некој нов македонски наратив да се направи да се минимизираат нападот против Бугаринот, систематските напади врз бугарските клубови и заедници, кои ескалираат. Тоа започна со усвојување на репресивен закон таму, продолжи со подметнување пожар за што е добиена условна казна, по што следеше пукање, а сега и физички напад врз лице кое е припадник на бугарската заедница. Се обидуваат да ни наметнат споделена вина – од двете страни на границата има луди глави. Не може да има такви аналогии, рече Милков.
Фокусот на францускиот предлог, според него, е почитувањето на правата на Бугарите во Република Северна Македонија.
Тој не сакаше да ги коментира последните изјави на македонскиот претседател Стево Пендаровски, наведувајќи наместо тоа некои случувања од минатото.
– Како доктор по историја можам да кажам дека ако има жртви на едната страна – спомнува 12 лица, би споменал илјадници луѓе кои биле масакрирани, 300.000 протерани меѓу двете војни. Сигурно слушнал за Голи Оток, каде што стотици Бугари беа интернирани и загинаа по Втората светска војна, само затоа што имаат бугарска самосвест. Тие немаат поим за нивната историја бидејќи сè уште не ги отвориле архивите на тајните служби, можеме да им помогнеме во тоа ако сакаат, рече Милков.