Српската поп-фолк пејачка Милица Павловиќ (33) вчера дојде во Скопје, да ги кани Македонците на концерт кој ќе се одржи на Денот на вљубените, односно на Свети Трифун, на 14-ти февруари во Спортскиот центар Јане Сандански.
Павловиќ, која е доста популарна помеѓу помладите генерации, на сцената е присутна околу 14 години, откако за првпат се појави на музичкото талент шоу ,,Ѕвездите на Гранд” и има пет студиски албуми зад себе. Последниот албум ,,Лав” според кој е насловена и нејзината турнеја, ќе го промовира во Скопје, но на прес конференцијата кажа дека ќе ги отпее и своите најголеми хитови од постарите албуми пред македонската публика.
-Доаѓам по пакет добро вино во Македонија, а бидејќи сум сингл, можеби и ќе си ја најдам овде среќата, со некое згодно момче од Македонија, токму на Денот на вљубените.
Ја сакам Македонија, вашата кујна, вашиот менталитет, а секако и музика.
Пораснав со песните на Тоше Проески, ја сакам музиката на Каролина, Калиопи, Елена Ристеска, Влатко Стефановски, вели Павловиќ.
Таа откри дека концертот во Скопје ќе трае повеќе од три часа. Ќе имала музички гости на настанот, ѕвезди чии имиња се уште не сакаше да ги открие. Посочи дека се работи за една музичка ѕвезда од Македонија и една од Србија, кои ќе бидат изненадување за публиката.
Пејачката е позната во јавноста и како личност која отворено зборува за својот личен живот и без многу заобиколување одговара на новинарските прашања на секоја тема. Родена е во Швајцарија, а по разводот на родителите ја одгледале нејзините баба и дедо во село во близина на Лесковац.
За тој период од животот раскажуваше во повеќе наврати за српските медиуми, а за детството со баба и и дедо и зборуваше и пред македонските новинари.
Откако завршила средно училиште во Србија, поминала пет години во Швајцарија со нејзиниот татко, но сепак, животот на Балканот за неа бил незаменлив и се вратила назад.
За најавениот концерт во Скопје пак, ги покани момчињата да ги изненадат своите девојки и да им купат влезници, ветувајќи одлична атмосфера и неколкучасовен настан пред македонската публика.
Вики Клинчарова