Милиони Украинци останаа без струја по руските напади

by Fokus

Милиони луѓе останаа без струја во источните региони Харкив и Доњецк, за што претседателот Володимир Зеленски ја обвини Русија, велејќи дека се одмаздува за успешната противофанзива на украинските сили. Градоначалникот на Харкив, Игор Терехов, изјави дека снабдувањето со струја во меѓувреме е обновено.

Ова следува откако украинските сили за само неколку дена ослободиле територија од над 3.000 квадратни километри во источниот дел на земјата.

„Руските напади на цивилната инфраструктура оставија најголем дел од градот без струја и вода вчеравечер. Ова е зол и циничен обид за одмазда за последните успеси на украинската војска“, кажа Терехов.

Гувернерот на соседниот регион Суми изјави дека над 130 населени места останале без струја, а слични проблеми се регистрирани и во регионите Полтава и Днепропетровск.

„Русија спроведува терористички напади врз цивилната инфраструктура. Студот, гладот, темницата и жедта не се така ужасни и смртоносни како вашето пријателство и братство“, изјави Зеленски.

Британското министерство за одбрана процени дека од средата, Украинците зазеле територија од над 3.000 квадратни километри во харкивскиот регион. Русија призна дека нејзината војска се повлекла од градовите Балаклија, Купјанск и Изјум, со цел да се прегрупира и да ги засили своите позиции на фронтот во Доњецк.

Градоначалникот Валери Марченко изјави дека жителите ќе можат да се вратат во Изјум за десетина дена, за првпат откако беше освоен од Русите во март. Изјум важеше за најголемиот логистички центар за руската војска и порта кон градовите Словјанск и Краматорск во Донбас.

Поврзани новости