Милиони американски граѓани ќе сведочат на целосно затемнување на Сонцето

by fokus

Триесет и два милиони американски граѓани денеска ќе бидат сведоци на еден редок астрономски феномен – целосно затемнување на Сонцето од страна на Месечината.

Како што соопштуваат од НАСА, почетната точка на затемнувањето ќе биде на островите Кук во Тихиот Океан, од каде што ќе се движи низ Мексико и 13 американски држави пред да заврши во Њуфаундленд и Лабрадор, Канада. Затемнувањето делумно ќе може да се види и од западните делови на Обединетото Кралство.

Денешното целосно затемнување на Сонцето ќе биде мошне уникатно бидејќи се разликува од она во 2017 година. Според научниците, како што јавува Би-би-си, короната на Сонцето, односно најоддалечениот слој ќе биде повидлив од последното помрачување пред седум години поради зголемената сончева активност во моментот на случувањето. Денешното помрачување ќе биде повидливо и ќе трае две минути подолго од претходното.

Во текот на космичкиот настан НАСА ќе спроведе многу експерименти, вклучително и лансирање ракети во сенката на затемнувањето и испраќање истражувачки авиони за следење на нејзиниот пат.

Затемнување на Сонцето е редок феномен во кој Месечината поминува помеѓу Сонцето и Земјата, целосно или делумно блокирајќи ги сончевите зраци кон Земјината површина.

Поврзани новости