Со затворањето на гласачките места во Алјаска, заврши долгата изборна ноќ во САД, во која гласачите од 50 сојузни држави и шест временски зони го дадоа својот глас за да ги изберат своите претставници во Претставничкиот дом и во Сенатот.
Победата на Републиканците во Конгресот е речиси извесна и тоа не претставува никакво изненадување имајќи ги во предвид предизборните анкети, но продолжува да трае неизвесната трка за Сенатот, каде се чини дека Демократите ќе ја задржат контролата.
Судејќи според првичните резултати, Републиканците во трката за Конгресот водат со 198 спрема 173, а за сегашниот сооднос за Сенатот е 48 спрема 47 во корист на Демократите. Но, резултатите од изборите сè уште доаѓаат и не се очекува да бидат целосно познати денеска.
На овие избори, активно учествуваше поранешниот претседател на САД Доналд Трамп, кој вербално, но и финансиски поддржа голем број на републикански кандидати. Покрај Трамп, кој во политиката влезе како богат бизнисмен, на изборите, условно кажано, страна фатија и други милијардери.
Така, сопственикот на Тесла кој скоро го купи Твитер Илон Маск, чие богатство се проценува на околу 200 милијарди долари, ги повика Американците да гласаат за Републиканците, бидејќи, како што рече, поделената власт ги спречува најлошите ексцеси на двете партии.
Во меѓувреме, се појавија информации дека еден од најголемите донатори на Демократите бил Џорџ Сорос, кој наводно донирал 129 милиони долари, што е двојно и тројно повеќе во споредба со другите донатори на кандидатите на партијата од каде доаѓа и актуелниот претседател на САД Џо Бајден.
Инаку, Сорос, чие богатство се проценува на над 6 милијарди долари, делува во многу држави од поранешниот комунистички блок, каде преку неговата фондација за отворено општество финансира проекти со цел зајакнување на јавни политики и унапредување на состојбите во различни сфери.