Одлучивме Либерално-демократската партија и Демократската обнова за Македонија ДОМ на овие избори да настапиме самостојно и да почнеме да градиме сопствена либерална и зелена приказна, да им понудиме на граѓаните опција, проекти, рече претседателот Горан Милевски на митингот „Одлучно за промени“ во Кочани.
Тој појасни дека целта е во оваа коалиција да нема само политички партии туку да има граѓани, интелектуалци, здруженија кои што не сакаат да членуваат во било која политичка партија меѓутоа имаат желба да се вклучат во политичкиот живот на било која основа со желба да се променат работите во општеството.
– Кога одиме низ општините гледам другите две големи партии настапуваат како да се ова парламентарни избори, го креваат нивото како да се одлучува кој ќе дојде на власт, меѓутоа вистината е поинаква, на овие локални избори бираме кој ќе ги води нашите градови, кој ќе ги води нашите општини и кои ќе бидат луѓето кои што ќе седнат и ќе одлучуваат во советите, во случајот во советот на општина Кочани. Ние сакаме во советот да влезат луѓе кои што пред се имаат авторитет, имаат углед во средината, имаат доверба кај граѓаните и кои што својата работа во советот ќе ја насочат единствено во интерес на граѓаните. Нема да влегуваат внатре само да земат некој финансиски надоместок или паушал, туку ќе работат во служба на сите граѓани, рече Милевски.
– Кочани е мало место во која тешко се живее, на Кочани му се потребни промени, а за промени се потребни одлучни луѓе, луѓе активисти а не статисти, затоа не дозволувајте некој друг да ви кажува што е најдобро за вас, одлучете сами и направете го вистинскиот избор, истакна портпаролот Сашко Стефановски.
Милевски потенцираше дека ЛДП и ДОМ ќе се борат за паркови, за повеќе паркинг места секој детален урбанистички план, да се планира наменски, да нема гужви во сообраќајот, да има доволно и што е најважно да има доволно места во градинките.
– Не смее во оваа држава да има „врски“, да имаат проблем граѓаните за да можат да ги остварат основните потребни за кои што треба да се грижи општината. Токму затоа е ова движење, да водиме здрава политика на инфраструктура, да водиме политика каде што човекот ќе го има првото место, да ги дигитализираме општините каде што луѓето од дома ќе можат да плаќаат сметки, од дома ќе можат да извадат документи преку е-пошта да им се праќаат, а не да чекаат редици пред шалтерите и за таа работа за која што се должни службениците да ја завршат па уште да им речете фала многу што завршив побрзо работа. Да не гласаат 30 години како до сега, црно бело помеѓу едните и другите, туку да гласаат по сопствен избор врз низа на листи кои што им се понудени на овие избори, независно тоа дали се партиски листи, дали се движења, дали се независни граѓански листи итаканатаму, едноставно граѓаните да имаат избор и да гласаат за личност, рече тој.