Вториот унгарско-македонски владин самит којшто се одржува сметам дека е во насока на продлабочување на одличната соработка со Унгарија и таков како пример може да се аплицира и понатаму во соработката на Република Македонија со другите земји од Европската унија, вели пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Пеце Милевски, во текот на дебатната емисија „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.
Според него дипломатската намера на Владата е јасна и истата се состои во тоа да секаде каде што се оди, се оди со конзистентни ставови и исправена кичма во обид да се исправи се она што беше разрушено и оставено од претходниците.
„Интензитетот на меѓународната политика на Владата е голем и намерите се-Република Македонија да се движи во насоките со своите стратешки партнери, со своите поддржувачи и нормално отсекогаш насоката или интенцијата е да бидеме членки на Европската унија, така што патот е тој“, констатира Милевски.
Милевски смета не е издржано тоа што опозицијата вели дека не е информирана или не знае и посочува дека за разлика од нив, ВМРО-ДПМНЕ секогаш широко дебатира и отвора можности за разговори, преговори, како и за меѓусебно градење на националните интереси.
Во насока на оваа меѓувладина седница помеѓу Македонија и Унгарија пратеникот Милевски се осврна и на досегашната меѓусебна соработка од која потекна и унгарскиот заем, односно средствата кои според него, се многу добро испланирани и насочени.
„Можат да кажат и градоначалниците и локалните самоуправи дека еден дел од средствата веќе се реализираат, околу 4,3 милијарди денари веќе се обезбедени како средства коишто како проекти готови општините ги аплицираа, но од овој заем 250 милиони нели, ќе можат да добијат и аплицираат сите општини без оглед дали во таа општина градоначалник е од ВМРО-ДПМНЕ, Социјалдемократскиот сојуз, ДУИ, Влен или независен. Значи, мојот пристап е таков да ги решаваме проблемите на граѓаните директно на терен и да создаваме подобри услови за живеење“, заклучува Милевски.