Локалните избори се пред нас и веќе од пролет ќе почнат калкулациите меѓу сите политички партии и ќе се „вжешти“ политичката атмосфера. Ние како Министерство, но и како партија се залагаме на локалните избори граѓаните да одлучуваат на отворени листи, изјави вечерва министерот за локална самоуправа Горан Милевски во 24 анализа на Телевизија 24.
Министерот Милевски посочи дека власта не може да се децентрализира на локално ниво и цела да биде насочена кон градоначалникот. Треба Советот да биде моќен, советниците треба да си ја работат својата работа, за тоа треба да бидат платени и не треба да бидат корумпирани.
-Дали се големи Советите, дали треба да се намали бројот на советници, тоа треба да го дискутираме. Ние во една наша платформа што ја работиме со ЗЕЛС, сметаме дека би требало да се намали бројот на советници, но и тие да се бираат на отворени листи за да влезат луѓе кои имаат авторитет во средината, изјави Милевски.
Додаде дека советниците не треба да бидат потчинети само на политичките партии, туку да бидат насочени и лојални кон граѓаните кои ги бираат. На тој начин, според него, во Советите ќе влезат и лица од НВО секторот.
Прашан за парите кои се пренаменети од ТАВ, Милевски рече дека Министерството ја креира политиката, а парите се делат преку Бирото за рамномерен регионален развој.
-Во минатото тоа биле 3,5 милиони евра, а сега Владата ги зголеми на 7-8 милиони и тоа не се доволни и треба да бидат повеќе. Но, имаме еден напредок. Покрај овие средства, ние соработуваме и со Швајцарската развојна агенција, рече Милевски.