Во изминативе две години заедно со Швајцарската Амбасада направивме многу проекти коишто беа во интерес на граѓаните и покажавме дека континуирано ги поддржуваме планските региони и центрите на планските региони со иновативни и инвестициски проекти, реновираме училишта, игралишта, го развиваме туризмот, рече министерот за локална самоупрва Горан Милевски за време на презентацијата на сработеното преку СиРеРа системот.
– Како министерство за локална самоуправа особено сме горди на успешното спроведување на проектот Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој. Дел од Првата компонента преку која е изрботен електронскиот Систем за координација во планирањето, спроведувањето, мониторинг и евалуација на политиката за рамномерен регионален развој (СиРеРа) е имплементиран преку проектната единица на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, додека останатите три компоненти преку Министерството за локална самоуправа. За текот на целото имплементирање на активностите сме во постојана координација со Швајцарската агенција за развој и соработка, појасни министерот.
Милевски истакна дека преку овој систем за следење и координација на политиката за рамномерен регионален развој, државата за првпат добива јасна слика за вложувањето во регионалниот развој со што се зголемува транспарентноста и отчетноста пред граѓаните.
– Дигитализацијата во овој дел овозможува на нас како држава врз основа на податоците кои ќе ги добиеме да донесуваме одлуки колкав буџет ќе се издвои, во која област и на кој начин понатаму ќе се троши преку центрите за регионален развој. Се отвара можност доколку се увиди дискрепанца во распределбата на средствата во иднина да се адаптираат програмите на инволвираните институции согласно потребите, онаму кадешто најмалку се вложувало, сега да се вложува повеќе, се со цел да сите граѓани и сите наши деца да добијат еднаков пристап до услугите кои им се потребни и квалитет на живот, истакна тој.
Вкупната вредност на проектот е околу 5 милиони швајцарски франци, од кои 3,3 милиони се финансирани преку швајцарската амбасада, од Швајцарската конфедерација, а останатите средства се од буџетот на Владата на Република Северна Македонија.