Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на денешната седница донесе одлука да го назначи Благоја Милевски на позицијата селектор на репрезентацијата на Македонија до 21 година.
Милевски се враќа на чело на селекцијата, со која на Македонија и го донесе најголемиот фудбалски успех со пласманот на ЕП 2017 година во Полска.
– Се радувам на новите предизвици и можноста повторно да соработуваме, останува да се договорат одредени детали за официјализирање на соработката во однос на договорот. Свесен сум за ситуацијата која е пред нас, но не се плашиме, верувам во репрезентацијата, во момците и ќе бидеме подготвени за новите предизвици. Веројатно ова е една од најтешките задачи во мојата кариера, но тука сум, повик од националната репрезентација не се одбива. Квалитет постои, знам дека можеме да успееме и не би прифатил ангажман доколку не верувам во момците и во својата работа. Се надевам дека може да направиме резултат, изјави Милевски.
Во септември стартува новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2021 година, а младинците се во групата со Фарски Острови, Црна Гора, Казахстан, Шпанија и Израел.
Фото – ФФМ