Министерот за локална самоуправа и лидер на ЛДП Горан Милевски планира да се повлече од функциите, а, според информации на Фокус, размислува и за целосно повлекување од политиката.
Како што неофицијално дознаваме, тој прво ќе се повлече од министерската функција, додека партиската функција ќе ја извршува до следниот редовен конгрес, што треба да се одржи до крајот на годинава.
Неофицијално, најсериозен кандидат за нов лидер на либералдемократите е потпретседателката Моника Зајкова, која е еден од двајцата пратеници на ЛДП, заедно со Боби Мојсоски.
Иако Милевски и пратениците Зајкова и Мојсоски имаа различен став во однос на таканаречениот француски предлог, партиски извори велат дека дискусиите за трансфер на власта во партијата се водат во конструктивна атмосфера, без тензии и конфликти.
Што се однесува до новиот министер за локална самоупава, нашите соговорници посочуваат дека во најтесна конкуренција се двајца кандидати, меѓу кои е и поранешниот партиски лидер и скопски градоначалник Ристо Пенов.
Засега, од ЛДП одбиваат да дадат било каков коментар во врска со овие сознанија, посочувајќи дека партијата непречено функционира и за сите чекори навремено ќе ја информираат јавноста.
Инаку, Милевски го презеде управувањето со ЛДП во 2015 година, наследувајќи го Андреј Жерновски, кој премина во СДСМ откако му заврши мандатот како градоначалник на Центар.
За време на овој период, ЛДП беше еден од постабилните предизборни коалициски партнери на СДСМ, но на последните локални избори партијата одлучи да настапи самостојно, односно во сојуз со ДОМ на Маја Морачанин.
Сепак, и двете партии останаа дел од владејачката коалиција и го поддржаа парламентарното мнозинство, во време кога опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците, заедно со дотогаш владејачката Беса, се обиде да ја урне власта преку изгласување на недоверба.
Влатко Стојановски