На отворањето беа министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и раководителот на Центарот за Скопски плански регион Љупчо Кец Мицковски.

„Навистина ми е драго што ова инклузивно игралиште наменето за сите деца всушност е предлог на самите граѓани. Овој проект е реализиран од страна на Центарот за развој на Скопскиот плански регион, со финансиска поддршка на Министерството за локална самоуправа и швајцарската Влада во висина од 2.458.803 денари. Ние и понатаму ќе ги мапираме потребите на граѓаните и напорно работиме во корист на целото општество да се изградат објекти кои се токму за нивните потреби” вели Горан Милевски, министер за локална самоуправа.

Според него со поддршка на швајцарската Влада, преку организирање на повеќе форуми  се отвори  инклузивен процес на консултација на граѓаните во сите региони и нивно директно учество во утврдувањето на приоритетите и планирањето на развојот на планскиот регион.

Тој објасни дека покрај обезбедените буџетски средства за проекти во осумте плански региони кои што во 2019 година беа дуплирани во однос на 2017-та, во рамките на проектот “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“,  што го спроведува Министерството за локална самоуправа со поддршка на швајцарската Влада. Од страна на Министерството обезбедиле и и дополнителни 1 милион и 200 илјади швајцарски франци за нови проекти во сите осум плански региони.

„Секој плански регион реализира по еден проект кој е утврден како приоритетен од самите граѓани, за што се обезбедени 850 илјади швајцарски франци, а секој плански регион  доби грант чии износ е условен од степенот на развиеност. За најмалку развиениот, Североисточниот плански регион се обезбедени 145 илјади франци, а за најразвиениот, Скопскиот, 60 илјади швајцарски франци. Со средства се финансираат и иновативни проекти, кои беа избрани со активно учество на претставниците од цивилниот, образовниот и бизнис секторот“ додаде Милевски.

Тој додаде дека за овие проекти за 2019 година се раапределени 311.841 швајцарски франци, а секој од осумте плански региони доби грант во висина од 39 илјади  франци за реализација на одбраниот проект.