Македонскиот дипломат Миле Миленкоски се уште е во притвор во Врање, Србија каде беше уапсен кон крајот на август по меѓународна потерница на Ерменија за вмешаност во афера во Ерменија од 2019 година.
-Миле Миленкоски се наоѓа во притвор со решение на судија на претходна постапка. Истиот се наоѓа во Окружниот затвор во Врање и притворот е во тек, велат од Вишиот суд во Врање во изјава за Фокус.
Иако самиот Миленкоски преку отворено писмо до јавноста бараше да му се суди во Македонија, сепак од судот во Врање за Фокус велат дека барање за екстрадиција на Миленкоски има поднесено само Ерменија, но нема информации зошто не е досега испорачан ниту во Ерменија, а веќе околу четири месеци е во притвор.
– Барање за екстрадиција на Миленкоски е поднесено од страна на Република Ерменија и освен оваа земја не е доставено барање од ниту една друга земја за негово испорачување, додаваат од судот во Врање.
Уапсениот дипломат Миленкоски испрати писмо: Сакам да ми се суди во Македонија
Фокус испрати прашања и до Министерството за надворешни работи дали имаат некои информации за овој случај и дали се во контакт со своите колеги, но оттаму не одговорија на ниту едно прашање поврзано со Миленкоски.
Министерството за правда пак останува на ставот дека за Миленкоски кај нас нема отворено никаква постапка ниту во Обвинителството, ниту во Судот, заради којашто ние би го барале како држава.
-Ние како Министерство за правда не сме добиле информација по основа на која треба да бараме екстрадиција или трансфер на осудено лице, е ставот на Министерството.
Јавноста за ерменската афера дозна дури по приведувањето на Миленкоски, а ниту една институција засега не презеде одговорност за тоа што Миленкоски не беше приведен во Македонија со распишана потерница поседуваше дипломатски пасош и безбедносен сертификат.
Тој во Еременија е осомничен за извлекување на македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ кој пак има обвинение во Ерменија.
Ф.Ф.С.