Миленкоски реагира на обраќањето на Македонскиот дипломатски синдикат

by Fokus

Во денешното обраќањето на Македонскиот дипломатски синдикат се изнесени неколку невистини, меѓу кои и некои поврзани со мене, поради што, а во интерес на вистината, чувствувам потреба да се обратам до јавноста, реагира дипломатот Миле Миленковски на соопштението на Македонскиот дипломатски синдикат (МДС). Претседателот на синдикатот Зоран Дабиќ  во само две реченици изнесе три невистини за мене, вели Миленковски и додава дека наместо синдикатот да помогнел во неговата голгота, го споменува во соопштение кое за повод има друга причина.

Во реакцијата дипломатот Миленковски вели:

„Почитуван колега Дабиќ, во само две реченици кои ги посветуваш на мене, се сместени дури три невистини. Тоа не доликува на обраќање на синдикат од струката, уште повеќе ако се има предвид твоето дипломатско искуство. Ако намерите ти биле добри, си можел да се информираш подобро. Јас бев избран како министер советник во Мисијата во која ти беше Постојан претставник во еден мандат. Не бев ниту заменик амбасадор ниту заменик постојан претставник, ниту можев да бидам, со оглед дека покрај Постојаниот претставник/амбасадорот, во Мисијата има двајца колеги со повисоко дипломатско звање од мене.

Верувам дека знаеш, но сепак манипулираш, дека прво беше објавено едно дипломатско место во Мисијата, на што не се пријавив од почит кон колешката која работеше како раководител на сектор за ОБСЕ. Откога тој интерен оглас беше поништен и објавен нов за двајца дипломати, се пријавив со оглед на мојата 23 – годишна кариера во МНР, три претходни мандати, меѓу кои и мојот мандат како заменик постојан претставник во истата Мисија во ОБСЕ. Можеби е тешко да го прифатиш фактот дека по доаѓањето на Димитров изборот на амбасадорите драстично се промени, а со Османи праксата продолжи со внимателно бирање на останатите дипломати.

Оттаму, почитуван Зоране, контрадикторен си во аматерскиот политички памфлет, бидејќи само една реченица погоре во него, велиш дека само еден од дипломатите има претходно искуство во ОБСЕ. Значи со мене ќе бевме барем за еден повеќе, нели.

Една од основните функции на еден струков синдикат е заштита на интересите на лицата од струката. Има ли поголем интерес за дипломатите, од бранење на нивните права. Место ти и твојот политички ангажиран Синдикат да излезете во одбрана на свој колега, кој поради едно несреќно патување доживеа голгота, ти му се придружи на еден од твоите политички ментори, кој и те испрати како постојан претставник во ОБСЕ, во подли и полни со лаги напади. Зарем е тоа синдикална активност и колегијалност или само вклучување во политичките борби за уште некој мандат пред пензија?

Каде бевте, и твојот, но и постариот клинички мртов Синдикат, во кој сум член од вработувањето, да побарате моја заштита или да прашате зошто МНР се откажа од мене, свој вработен испратен на дипломатски мандат, зошто не побара да си дојдам во својата држава, па ако сум и најголемиот криминалец да се отвори истрага и да се дознае вистината или зошто за прв пат бев посетен од колега од Амбасадата по 40 дена поминати во Врање или, зошто ми беше деактивиран дипломатскиот пасош па ако бев екстрадиран ќе бев без никаква заштита и документ за патување или, зошто добив Решение за престанок на работен однос во МНР.?

Поради централизмот во МНР колегите не можеле да ги постават овие прашања, но во многуте средби во голем број ми даваат поддршка, но вие, таканаречените синдикати, можевте и тоа ви е основна функција.

Јас ја водам борбата Зоране, но не само за мене, туку и за тебе и другите колеги од МНР. При некое патување на било кого од нас може да му се случи сопатник да биде криминалец, но не смее за тоа да имаме такви страшни последици, какви што мене ми се случија, а не ги посакувам на никого. Водам 5 судски процеси во 3 држави и не сакав да излезам во јавноста додека вистината не излезе на виделина, пред сѐ низ судски одлуки, но твоето споменување на моето име ми дојде како сол на раните. Боли малку, Зоране, кога те напаѓа тој што треба да те брани.

Не знам зошто го проблематизираш мојот избор како министер советник во ОБСЕ, кој беше легален и легитимен. Во мојата кариера работев исклучиво во интерес на државата, а тоа ќе биде случај и во иднина. Деновиве во Скопје доаѓа организаторот на Светскиот конгрес за граници, кој на моја иницијатива, на почеток на следната година ќе се одржи во Скопје.

Черчил рекол дека дипломат е оној кој два пати ќе размисли пред ништо да не каже. Но кога веќе кажуваш измислици, иако барем во моево обраќање нема политика, ми се допадна кога за време на мандатот во САД го слушнав Обама кога рече дека политиката е суров спорт и не ми пречат ударите од мртов агол.

Поврзани новости