Градоначалникот Петре Шилегов вчера информираше дека денеска ќе продолжи уривањето на галијата во Вардар, истакнувајќи дека сите услови се исполнети. Тој истакна и дека ќе се појави на првото судско рочиште, кое се води за галијата, и ќе го застапува Градот.
На ваквата изјава пак со реакција се јави извршниот директор на компанијата која ја градеше галијата, Жарко Миленкоски. Тој ја ракажува неговата страна од приказната.
„Јас сум извршен директор на приватна компанија со капитал од Република Бугарија, која е сопственик на бродот лоциран во реката Вардар веднаш до хотелот Холидеј Ин. Бродот е целосно наша инвестиција во износ од 1,2 милиони евра и местото беше под закуп на Градот Скопје за период од 10 години. Во текот на изминатата година за време на пандемијата, нашиот бизнис целосно запре и претрпевме тешка криза. Во таква ситуација, ние се обративме до Градот Скопје и лично до градоначалникот г-дин Шилегов неколку пати со барање за каква било форма на помош во време на криза. Не само што не добивме никаков одговор од господинот Шилегов, туку во јуни 2020 година добивме писмо од Градот дека нашиот договор за закуп се раскинува поради задоцнето плаќање на 2-3 месечни закупнини, иако сите достасани плаќања беа извршени неколку дена порано.
Повторувам, парите потребни за изградба, (1.2 Милиони Евра), се платени од инвеститор од Р.Бугарија, НЕ СЕ ПЛАТЕНИ ОД ГРАД СКОПЈЕ.
По договорот, плаќаме и дополнителни 1000€ месечно како за некој вид концесија. Задоцнивме со плаќање за време на карантинот кога никој не работеше.
Лично на Градоначалникот му испратив две писма со молба да објасни како мисли да ни помогне, затоа што даваше изјави дека ќе помогнат на стопанството. Кога видов дека не одговара плативме се’ што должиме 100%. Веднаш потоа договорот ни беше раскинат. Тоа е вистината.
Се’ друго е манипулација, вели Миленкоски.
Тој обвинува и дека се врши притисок на судот.
-На судењето на 7-ми јули може да дојде не лично Петре Шилегов, туку и Св. Петар да дојде фактите се сепак на наша страна. Единствена причина поради што и дојдовме до тука, е ненормалниот притисок и закани спрема судиите. Можеби затоа сака да дојде “лично да го брани градот”, за да може лично да се заканува со смена на судиите.
Поради горното, ги информиравме Амбасадата на САД, Делегацијата на ЕУ, Амбасадата на Р.Бугарија и Председателот на Р.Бугарија, вели Миленкоски, кој додава дека рушењето на бродот е начин за собирање политички поени на Шилегов.