Миле Арсениевски е обвинителот кој денеска е одалечен од функцијата, односно нема да смее да постапува додека за него се води дисциплинска постапка, дознава „Фокус“ од доброупатени извори.
-При вонреден надзор од Вишото јавно обвинителство Скопје е констатирано дека јавниот обвинител во значителен дел од предметите кои му се доделени во работа не ги презел неопходните дејствија согласно Законот за кривична постапка заради донесување мериторна јавнообвинителска одлука, при што кај еден дел од предметите настанало пролонгирање на постапката или застареност на кривичното гонење“, соопштија денеска од Обвинителството.
„Фокус“ неофицијално дознава дека скопскиот обвинител Арсениевски наводно не постапувал по предмети кои се однесувале на сообраќајки.
Неговото име неодамна го објави и ИРЛ, посочувајќи дека неколку пати не се појавил на рочиште, во предмет во кој како оштетен се јавува поранешниот репрезентативец и играч на ракометниот клуб Еурофарм, Горан Кузмановски. Неговата кариера завршила поради користење на таблети за намалување на тежината и прочистување на организмот од токсини на база на билки од брендот „Слимлајн“.
Неодамна ИРЛ објави дека овој судски процес почнал во 2020 година, но се одложувал бидејќи во судница не се појавувал обвинителот Арсениевски.
Името на Арсениевски се слушна и во „бомбите“ кои ги објавуваше СДСМ. Тогаш медиумите објавуваа дека во една од бомбите се слушнало како се правени местенките и договарањата на ДУИ, а во корист на ВМРО -ДПМНЕ да се отстапи обвинителско место на кое ќе се избере Миле Арсениевски, син на тогашната претседателката на скопска апелација Љупка Арсениевска.
Од претходен разговор помеѓу Филимена Маневска и Влатко Мијалков се дознава дека Арсениевска е „ептен човек на ВМРО ДПМНЕ“.
Тогаш одекнаа и „бомби“ според кои, во договорот за изборот на синот на Арсениевска за обвинител се вмешува и Љупчо Шврговски тогашен јавен обвинител, но и Блерим Беџети и Муса Џафери кои по подолги натегања го отстапуваат тоа место на ВМРО ДПМНЕ, а подоцна за возврат да добијат три места за кадри на ДУИ, Албанци обвинители во Скопје.
Од Обвинителството појаснуваат дека републичкиот обвинител Љубомир Јовески донел Решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје за време додека трае дисциплинската постапка поведена против него поради основано сомнение дека сторил – Тешка дисциплинска повреда од член 91 став 1 алинеја 8 од Законот за јавното обвинителство.
В.В.