Професорот, Владимир Милчин, го посочи генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, како пример во актуелната Влада каде што се појавиле сомнежи за незаконско работење. Милчин, кој ги предводеше протестите против режимот на Груевски, сега редовно ги критикува однесувањата на актуелните функционери, вклучувајќи го и премиерот, Зоран Заев.
Во вчерашното интервју на телевизија „Канал 5“, одговарајќи на новинарско прашање, тој се осврна на скандалот со Рашковски каде сам себе се назначи за владин претставник во Собранието на акционери на „Македонски Телеком“.
-Прв што ми паѓа на ум не е министер, ама не е помалку важен од министер, тоа е генералниот секретар на владата Рашковски. Тој сам на себе си потпиша дека ќе се плаќа како советник сам себе си. Таа работа помина, имаше реакции за тоа излегоа и документи за тоа и таа работа се заташка, се покри. За мене генералниот секретар, всушност има поголема тежина од министрите, затоа што целиот административен апарат е под него. Тој е тој што ги одобрува именувањата и така натаму, а во именувањето во кадровската политика лежи еден од најголемите проблеми на сегашнава власт – порача Милчин.
Со можноста која му ја дава законот на Драги Рашковски да ги одобрува именувањата и со тоа да влијае на кадровската политика, како што потенцира Милчин, кредибилитетот на Рашковски е нарушен.