За македонскиот јазик, за неговото признавање, преименување или негирање од кого било и на каков било начин, не може и не смее да одлучува која и да е политичка партија или групација, на власт или во опозиција, вели професорот Владимир Милчин.
Тој на својот Фејсбук профил коментира дека јазикот се вика македонски и никој нема право да го нарече северомакедонски или да го загради во границите на Република Северна Македонија. Неговиот коментар следи по изјавата, која наводно ја дал министерот за надворешни работи, Никола Димитров, пред грчката министерка, а во која Димитров вели дека македонскиот јазик е различен од јазикот на Македонците во Грција.
„Не само затоа што јазикот е нашата татковина, како што неговата важност ја формулира Блаже Конески. Не само поради принудното пиење рицинус во станиците на грчката жандармерија меѓу двете светски војни. Не само поради уништениот Абецедар кој никогаш не стигнал до рацете на прволачињата во Егејска Македонија. Не само поради трагичната судбина на раководството на антифашистичкиот СНОФ опишана во романот Небеска Тимјанова од П.М. Андреевски. Јазикот наш насушен е ризницата на нашата меморија која ниту била ниту ќе биде парцелизирана со државните граници. Забранетите јазици, кои т.н. еднонационални држави на сите начини ги туркаат во заборав, држејќи ги надвор од образовниот систем и од медиумите, порано или подоцна ја напуштаат притаеноста и се огласуваат.
Пред повеќе од дваесет години, за време на грчкото ембарго, проф. Слободанка Маркоска и јас како претставници на Хелсиншкиот парламент на граѓаните на Македонија ги посетивме Атина и Солун. Не покани Хелсиншкиот парламент на граѓаните на Грција, чиј претседател беше Џорџ (Јорго) Папандреу. Проблемите при влегувањето не ги паметам. Ја паметам вечерта на Акропол кога не одведоа да гледаме претстава на студентите од атинска академија. По претставата се дружевме со студентите и професорите. Пиевме вино. Откако дозна дека сум режисер и професор на ФДУ, еден од професорите ме тргна на страна. Ми кажа дека е Македонец и ми кажа дека се срами од тоа што неговиот мајчин јазик е само дијалект. Го прашав дали античките грчки трагедии можат да се препеат на дијалект, на што тој категорички ми одговори “Не!”. Од мојата торба ја извадив книгата со препевот на Есхиловата “Орестија” на македонски. Му ја подарив. Рацете му се тресеа и очите му се насолзија. “Ме ослободи од срамот,” ми рече и ја скри книгата за да не го видат колегите.
Јазикот може да биде опасно оружје во рацете на политичарите. Тоа најдобро го знаат демагозите. За нив јазикот е инструмент за лажење. Но, во јазикот се кријат и најефикасните лекови против лагите: поговорки, стихови, раскази и романи кои ги разобличуваат демагозите.
Јазикот што го зборуваме денес, некогаш го викале “нашински” во обид да ја спасат главата. Јазикот со кој се разбираме со делови од населението во соседните држави, па и во држави преку океанот, се вика македонски и никој нема право да го нарече северомакедонски или да го загради во границите на Република Северна Македонија“-пишува Милчин.