Милановиќ: Престанете да повторувате дека Косово е Србија!

by Fokus

Србија мора да прифати дека Косово е независно, изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

„Србија мора да разбере и прифати дека Косово е независно. За жал, тоа не е прифатено од неколку други членки на Европската унија“ – рече Милановиќ.

Тој додаде дека на самитот на НАТО минатата година, по руската инвазија на Украина, тој бил единствениот кој повикал европските земји, кои се уште не го сториле тоа, да го признаат Косово.

„Но, тоа е како да зборуваш со ѕид. Некои земји не го признаа тоа затоа што се плашат од преседани кои евентуално, во некој кризен момент, во одредено опаѓање на имунитетот, може да се применат во нивните земји и да им се одземе нешто“ – рече Милановиќ.

Косово сè уште не е признаено од пет членки на Европската унија – Кипар, Грција, Романија, Словачка и Шпанија.

Неколку десетици војници на КФОР се повредени вчера попладне во судир со српски демонстранти во општина Звечан на северот на Косово.

Српските демонстранти, меѓу кои има и неколку десетици повредени, се спротивставија на доаѓањето на албанските градоначалници во општините со мнозинско српско население по изборите, кои беа бојкотирани од Србите.

Поврзани новости