Актуелниот претседател на Хрватска и кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Зоран Милановиќ, победи во првиот круг од претседателските избори одржани денеска, со освоени 51,48 отсто од гласовите, покажуваат првите објавени неофицијални резултати од излезните анкети по затворањето на гласачките места во 19 часот.
На второ место е кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Драган Приморац, но тој освои далеку помалку, само 19,29 отсто од гласовите.
Според анкетата спроведена меѓу гласачите по напуштањето на избирачките места, на трето место е независната кандидатка Марија Селак Распудиќ со 8,84 отсто гласови, а Ивана Кекин од зелено-левичарската платформа Можеме е на четврто место со 8,33 отсто од гласовите.
Проценетата статистичка грешка на излезните анкети е еден процент.
Државната изборна комисија ќе започне со објавување на првите неофицијални резултати од 20 часот и ќе ги освежува на секои десет минути.
Се очекува околу 22 часот да се знае дали ќе има втор круг, односно кои двајца од осумте кандидати ќе одат понатаму.