Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека Хрватска е лојална членка на НАТО, но, нагласи, треба да се посвети на вооружувањето на земјата.
– Рафалите нема ништо да решат, тие се скап чевел, но другата нога е уште во опинци, изјави Милановиќ во Градец каде што престојува за време на велигденските празници.
Милановиќ кажа дека „авионите се убава работа“ што на ХДЗ требаше да и послужат како „предизборен трик“, но изгледа дека нема да го направат.
Тој потсети дека ги забранил летовите на авионите „Рафал“ над Загреб и дека тоа ќе го прави се додека е претседател.
– Но, нема уште долго да бидам претседател, ќе бидам премиер, изјави Милановиќ, јави телевизија N1.
Милановиќ повторно ги критикуваше Владата и премиерот Андреј Пленковиќ за уривање на Уставот и избегнување да се свика Советот за национална безбедност.