Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ на денешната заедничка прес-конференција во Виена со австрискиот претседател Александер Ван дер Белен, истакна дека верува оти многу мал број на мигранти ќе успеат да се пробијат до Западна Европа.
Милановиќ посочи дека верува оти тензиите ќе се смират следните денови, оценувајќи оти станува збор за политичка манипулација на луѓето.
Тој на заедничка конференција со претседателот на Австрија, Александер Ван дер Белен истакна дека не може да верува, како е можно, физички да се повтори бегалскиот бран како во 2015 година, по се што беше направено во меѓувреме.
– Некои работи треба да се научат. Голем број мигранти се присутни во Турција. На Турција и е потребна помош, но се помагаше и досега. Аранжманот е составен во 2015/2016 година. Не се радувам што Турција е првата дестинација на овие луѓе и што таа мора да го носи најголемиот товар, но така стојат работите. Не е веќе 2015 година и променети се работите и околностите. Луѓето не сакаат да бидат животно загрозени, нагласи Милановиќ.
Тој додаде дека ниту денес, како ни во 2015 година животот на мигрантите не е загрозен и правилата на Меѓународното хуманитарно право мора да се почитуваат.
Додека Белен наведе дека Грција и Бугарија, земјите што ги чуваат надворешните граници на ЕУ, не треба да бидат оставени сами за време на миграцијата и додаде дека во моментов не е познато што сакаат да постигнат турската политика и турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган со пуштањето на мигрантите.
Белен и Милановиќ се осврнаа и на состојбите во Западен Балкан, при што австрискиот претседател истакна дека заедничкиот став е оти е време да се одобри почетокот на пристапни предговори со Северна Македонија и Албанија.
Тој потенцира дека перспективата за пристапување на земјите од Западен Балкан е од големо значење за стабилноста во регионот.