Актуелниот претседател и кандидат на опозициските социјалдемократи Зоран Милановиќ за неколку илјади гласови не победи во првиот круг од претседателските избори во Хрватска. Тој ќе мора и во вториот круг на 12 јануари да се соочи со Драган Приморац, поддржан од владејачката Хрватска демократска заедница.
Милановиќ освои 49,11 отсто од гласовите.Приморац освои повеќе гласови само од гласачите во странство, а освои вкупно 19,5 отсто од гласовите.Од преостанатите шестмина кандидати најмногу гласови освои Марија Селак Распудиќ (9,16 отсто).
Првичните анализи покажуваат дека само чудо може да го спречи Милановиќ да освои нов мандат во директниот дуел со Приморац. Социјалдемократот освои десетина отсто повеќе гласови отколку што предвидуваа анкетите, но и речиси 200.000 гласа повеќе отколку во првиот круг од изборите пред пет години, кога противкандидатка му беше Колинда Грабар – Китаровиќ.
На овие избори Милановиќ освоил најмногу гласови дури и во окрузите кои важат за упоришта на ХДЗ, што се толкува и како израз на незадоволство на Хрватите од владата на чело со премиерот Андреј Пленковиќ.