Претседателот Стево Пендаровски претпладнево во Загреб беше пречекан од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ со државни и воени почести, со што ја почна дводневна официјална посета на Хрватска.
Пендаровски и Милановиќ ќе имаат тет-а-тет средба, по што е предвиден и пленарен состанок на делегациите на двете земји. Најавена е и заедничка прес-конференција на Пендаровски и Милановиќ.
Пендаровски денеска ќе има средби и со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ и со претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ.
Утре, на вториот ден од посетата, претседателот Пендаровски ќе се обрати на билатералната деловна средба – со фокус на инвестиции, што се организира во соработка со Хрватската трговска комора, а на која ќе присуствува и македонска бизнис делегација.
За време на официјалната посета на Хрватска, претседателот Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска.
Посетата на Пендаровски на Загреб беше договорена на неговата средба со Милановиќ, во рамки на самитот на Процесот Брдо-Бриони, во Брдо кај Крањ, во мај годинава.