Миланов: Притворот може да има страшен ризик по здравјето на Камчев

by fokus

Еден од адвокатите на обвинетиот бизнисмен, Орце Камчев по завршувањето на првото рочиште за случајот „Плацеви на Водно“ упати апел до институциите и порача дека притворот во Шутка за Камчев може да има страшни последици.

– Сакам уште еднаш да упатам апел до сите институции дека здравствената состојба на Камчев, за која доставивме обемна медицинска документација, од четири институции и од безмалку сите кардиоваскуларни стручњаци, укажуваат на висок ризик од условите во кој се наоѓа. Може да има страшен ризик по неговото здравје – рече Миланов.

Тој, понатаму зборуваше и за делот на обвинението на обвинителката Лиле Стефанова за перење пари, за кое рече, ќе докажат дека сите средства биле од деловното работење на компанијата на неговиот клиент, а не како што тврди обвинителството.

– Во конкретниов случај, не може да оди оваа правна квалификација на овој начин и со ваков обвинителен акт, затоа што според она што денеска го кажа обвинителката, оној што прв ги пуштил парите во промет не може да биде обвинет, бидејќи не се исполнети законските претпоставки. Второ, слушнавме во воведниот говор нови докази, за наводни трансакции. Економски трансакции без економско вештачење коe не е најавено од oбвинителството, не може да има. Ќе докажеме дека сите средства се од деловно работење на компанијата Орка – рече Миланов.

Камчев денеска седна на обвинителка клупа за „Плацевите на Водно“ и ги слушна воведните зборови на обвинителката Лиле Стефанова.

Поврзани новости