Милан Мариќ на удар на балканскиот менталитет: Спасете го момчето од стари жени!

by fokus

Разликата во години помеѓу партнерите, поточно, доколку се работи за врска кога жената е повозрасна од мажот, барем во нашиот регион, е секогаш интересна тема, на која повеќето не можат, а да не се воздржат од негативни коментари и критики.

На истата тема периодов е доста актуелен и српскиот актер Милан Мариќ, кој воодушеви со одиграната улога на Тома Здравковиќ во играниот биографски филм ,,Тома”.

Роден во Белград пред 31 година, тој за прв пат се појави на сцената во 2009 година, со споредна улога во телевизиската серија ,,Бела лаѓа”. Од тогаш, не престануваат неговите работни ангажмани, и важи за еден од најнадежните млади актери во Србија.

Интересот на јавноста за неговиот приватен живот, придонесе тој да биде честа тема во регионалните медиуми, а за неговите љубовни врски се пишуваше уште во 2014 година, во период кога тој беше посветен на театарот. Но, според она кое најчесто се пишува за врските на Мариќ, може единствено да се констатира дека во балканскиот менталитет се вкоренети стереотипи и предрасуди, чија цел е оцрнување и понижување на сето она, кое не се вклопува во идеалната слика на мнозинството.

Имено, на свои 24 години, актерот започна бурна врска со хрватската актерка Нина Виолиќ, која во тоа време имаше 42 години. Љубовта со повозрасната колешка им се родила кога таа гостувала во Белград, а хрватските медиуми наголемо пишуваа детали од нивната приватност.

По прекинот на врската во 2015 година, Мариќ даде кратка изјава за српските медиуми, откривајќи дека насловите за нивната љубов, односно поради разликата во години, кои ги читал, биле ужасни.

-Не ставија во грозен контекст! Бев ужасно бесен. Јас сум затворен човек, не знаев дека јавноста до толку ќе се интересира. Бидејќи Нина живее во Хрватска, таму се пишуваше многу повеќе, отколку во Србија – изјави своевремено актерот.

По љубовниот крах со Нина, тој започна врска со колумнистката Вања Бахиљ, која е девет години повозрасна од него. И тогаш беше ставен под лупа на јавноста, најмногу поради разликата во години со партнерката. Сепак, и таа љубов не траела долго, а актерот повторно запловил во нова врска, со 17 години повозрасната Јелена Павловиќ, за која српските медиуми откриваат дека во минатото била директорка на позната голема компанија.

Јелена си го напушти семејството поради Милан, беа насловите кои пред неколку месеци ги полнеа страниците на дневниот печат во Србија, по што адвокатот на Павловиќ се огласи со јавен демант.

-Јелена Павловиќ не си го напушти семејството, туку спогодбено се разведе од сопругот. Тоа нема никаква врска со Милан Мариќ, а нејзиниот сегашен живот со угледниот уметник е информација од нејзиниот приватен живот, кој има право да го заштити. Таа не е носител на јавна или политичка функција, и не е од јавен интерес да се објавуваат информации од нејзиниот живот – истакна нејзиниот адвокат во септември годинава.


Сепак, детали од нивната приватност се уште актуелна тема во медиумите, со наслови кои само уште еднаш покажуваат дека балканскиот менталитет тешко се менува, кога се во прашање предрасудите за врските на помлади мажи со повозрасни жени. Без оглед на тоа колку некоја жена е карактерно изградена, успешна, шармантна и добро изгледа, голем дел од Балканците се уште сметаат дека помладиот маж е секогаш заведен и треба да му се отворат очите и да биде спасен од прегратките на повозрасна жена со која е во сериозна врска.

-Старата љубовница на Мариќ – наслов кој се сретнува во повеќе наврати, а кој доколку состојбата била спротивна, односно доколку некој има 20 години помлада партнерка,никогаш не би бил опишан на таков, понижувачки начин, туку напротив, ќе биде издигнат како супер маж.

Новинарски текстови и јавни коментари со кои се прави обид да се разниша женската самодоверба, но и ,,добронамерно” да се поттикне помладиот партнер на размислување -каде водат таквите врски и дали имаат иднина, се честа практика кај нас.

-Милан сака стари жени, е уште еден од низата на пакосни наслови, кој недвосмислено покажува дека на Балканецот ќе му треба уште долго време за да научи да си го живее својот живот, но и да да ги остави другите да живеат така, како што процениле дека им е убаво.

Вики Клинчарова

Поврзани новости