Мијалков во декември излегува на слобода

by fokus

Екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, од декември ќе биде слободен граѓанин, бидејќи Кривичниот суд му го прифати барањето за условен отпуст.

-Кривичниот совет при одделението за организиран криминал и корупција постапувајќи по предлог на Директорот на КПД Струга за условен отпуст на осудениот С.М., по одржана јавна седница, прибавена и разгледана целосна документација согласно напатствијата на Апелациониот суд Скопје, донесе решение со кое го Уважи предлогот на Директорот на казнено поправната установа.

Согласно решението, осудениот се отпушта од КПД Струга на 25.12.2024 година, а условниот отпуст му се смета до 25.04.2025 година.

Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје, информираа од судот.

Тригодишната казна затвор на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, му истекува во април следната година. Тој по спогодбата за случајот ,,Империја” во струшкиот затвор влезе на 22 август 2022 година, а во казната му се засметуваат и четирите месеци кои претходно ги помина во притвор. Со условниот отпуст казната му е скратена за четири месеци.

Сепак и сега тој поголемиот дел од денот го минува на слобода. Наутро излегува од затворот и оди на работа, а навечер се враќа за спиење.

Апелација претходно укина три пресуди против Мијалков за случаите „Трезор”, „Таргет- Тврдина“ за прислушувањето и „Титаник 2“ за изборни нерегуларности. Со измените на Кривичниот законик, тој и дефинитивно се спаси од казна затвор за „Таргет- Тврдина“ и „Титаник 2“, а „Трезор“, застарува годинава.

Мијалков беше осуден на казна затвор од една година и три месеци за ,,Плацеви на Водно”, но казната затвор од една година и три месеци Апелација му ја замени со условна.

Предвреме од затвор, пред неколку месеци, излезе и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Нејзиното барање за условен отпуст беше одбиено од Кривичниот суд, но Апелација и даде зелено светло и и ја скрати казната за 11 месеци.

В.В.

Поврзани новости