Адвокатот Љупчо Шврговски, кој му е бранител на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, обвинет во случаите „Таргет“ и „Тврдина“ кои СЈО ги спои во едно обвинение, за „Мета“ изјави дека досега не ги поднеле жалбите бидејќи Мијалков сè уште не го добил решението на Кривичниот суд со кое му се одредени мерки за претпазливост, односно одземен му е пасошот и е задолжен еднаш неделно да се јавува во суд.
Шврговски потврди дека освен на Мијалков, заедно со уште неколку колеги е бранител и на другите обвинети во „Таргет“ и во „Тврдина“.
„Јас го добив решението, но господинот Мијалков и другите не го добиле, а без тоа не можеме да ги поднесеме жалбите“, вели Шврговски, кој додава дека како што најави, со сигурност ќе поднесат жалби штом неговите клиенти го добијат решението кое треба да им биде доставено од курирската служба на Кривичниот суд – истакна Шврговски.