Мијалков си отвори Фејсбук страница и прв пат јавно го објави семејниот бизнис

by Frosina Fakova

Неколку дена пред изборниот ден, поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков си отвори официјална Фејсбук страница и прв пат јавно го објави семејниот бизнис.

На официјалната Фејсбук страница на Сашо Мијалков има само две фотографии од македонското знаме и негова лична фотографија, но многу детали од неговата биографија и официјални податоци за неговиот семеен бизнис.

Мијалков за „Фокус“ потврди дека страницата е официјална и e направена со негова авторизација. Како информации за контакт наведени се телефонски броеви и официјална страница и мејл од фирмата „Бест Веј“, за која медиумите пишуваа дека ја формираа уште во 2015 година. Сепак досега Мијалков никогаш не потврди ништо за неговите бизниси.

Како основач и директор на компанијата се води неговиот син, Јордан Мијалков. Според официјалниот опис, компанијата се занимава со нафта, угостителство и хотелиерство, игрите на среќа, транспортот и развојот на инфраструктурата. Компанијата претходно се спомнуваше како дел од „Дивелоп груп“ која пак е сопственик на хотелот Мериот во Скопје.

Според неговото наведено професионално искуство, од 2015 до денес Мијалков се занимава со приватен бизнис, како и пред неговото директорување со УБК.

Професионално искуство :

Приватен бизнис 2015-2020

Државен функционер, Директор на УБК ( Управа за Безбедност и Контраразузнавање ) (2006-2015 )

Приватен бизнис со канцеларии во Скопје, Република Македонија и Прага, Чешка Република (2000-2006 )

Државен функционер, Помошник на Министерот за Одбрана на Република Македонија ( 1998-2000 )

Приватен бизнис со канцеларии во Скопје, Република Македонија и Прага, Чешка Република (1993-1998 ), наведува Мијалков во неговата биографија.
Тој е обвинет во неколку случаи од поранешното Специјално јавно обвинителство, кои сега ги води Обвинителството за гонење на организиран криминал, меѓу кои е и клучниот предмет на СЈО, „Таргет – тврдина“ за масовното прислушување. Му се суди и во „Тортура“, за апсењето на Љубе Бошкоски, во случајот „Титаник 2“ за изборни нерегуларности, случај за којшто имаше пресуда, но Апелација го врати случајот на повторно судење. Осомничен е и во предметот „Империја“ за којшто заврши и во притвор. Сепак за ниту еден случај нема правосилна пресуда, а јавна тајна е дека токму тој посредуваше во обезбедувањето на гласовите на пратениците за уставните измени.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости