Мијалков се спаси од „Титаник 2“, но повикан е на јавната седница во Апелација

by fokus

Десет години од денот кога наводно го сторил кривичното дело за коешто се гони, денеска, на 7 април застарува делото од предметот „Титаник 2“ за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков.

Според неговите адвокати делото му застарело уште на крајот на март, а според обвинителството делото застарува денеска, откако Апелација ја одложи јавната седница на којашто беше закажана за на 30 март, една недела пред да му застари делото.

Седницата се одложи оти на неа не дојдоа дел од обвинетите, лидерот на ДПА, Мендух Тачи и поранешните члeнови на ДИК Влатко Сајковски, Анета Стефанова и Сашо Срцев.

Тогаш, претседателот на советот,судијата Ѓоко Ристов констатираше дека обвинетите не биле уредно поканети.

Сепак, Мијалков е повикан да присуствува на јавната седница што е закажана за на 13 април, иако делото му е застарено.

– На јавната седница се повикани лицата согласно наредбата за јавна седница и записникот за јавна седница, велат за „Фокус“ од Апелацискиот суд.

Мијалков се гонеше за кривично дело примање награда за противзаконско влијание.

За овој случај пет години не беше донесена правосилна пресуда. Судењето започна во април 2018 година, осудителна пресуда од Кривичен беше донесена во март 2019 година, но Апелација во декември 2019 ја укина и го врати предметот на повторно судење.

Втората првостепената пресуда за „Титаник 2″ беше донесена на 23 јануари оваа година, непосредно пред застарувањето на делото за Мијалков. Кривичен побрза да го испрати предметот во Апелација, но оттаму им го вратија со образложение дека не бил испочитуван рокот за жалба од 15 дена. Кривичен,по рокот повторно го испрати предметот до Апелација. По мислењето од Вишото обвинителство, Апелација закажа јавна седница.

Кривичното дело за кое се гони Мијалков, „Примање награда за противзаконито влијание” застарува на 7 април годинава, затоа што дејствијата за кои се терети се до пет години затвор (апсолутна застареност настапува за 10 години). Тој се гони за учество во изборни нерегуларност на локалните избори во 2013 година.

Другите обвинети во случајот, пратеникот Мендух Тачи, поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, и уште тројца поранешни членови на ДИК немаат можност да се спасат со застарување. Тие се гонат за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.

Според пресудата на Кривичниот суд, Мијалков, како и Тачи, беа осудени на две години затвор. Истата затворска казна им беше изречена и на обвинетите поранешни членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска.

Според обвинението, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, нарачал да му наложи на сопартиецот од ДИК, Бедредин Ибраими, да гласа за поништување на регуларно гласање во избирачко место во Струмица, во корист на Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ, на штета на тогашниот кандидат за градоначалник, Зоран Заев.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости