ОБНОВЕНО Мијалков на распит за „Трезор“, пред Кривичниот суд врие од специјалци

by fokus

Екс директор на УБК, Сашо Мијалков, во 12 часот, треба да дојде на распит во Основниот суд Скопје 1, како осомнничен во случајот „Трезор“, кој нeодамна го отвори Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Денеска во Врховниот суд се одржува судење за случајот „Диво Насеље“ под засилени безбедносни мерки. Пред судот врие од специјалци. И токму обезбедувањето им нареди на новинарските екипи да се повлечат од пред службениот влез на судот, каде што се очекува да пристигне осомничениот Мијалков.

Тој во судот ќе се соочи со обвинителка од СЈО и судија на претходна постапка, кој ќе треба да одлучи дали на него и на останатите тројца осомничени ќе им одреди мерка за обезбедување на нивно присуство во постапката, а треба да одлучи и по барањето на СЈО нивниот имот да се замрзне.

Овој случај СЈО во јавноста го презентираше на 28 септември. Оттаму отворија истрага по сомнение за проневера на вкупно 862.045 евра за набавка на опрема од странство за потребите на Петтата Управа. За злоупотребата се товарат тројца вработени во УБК и еден во МВР за кои СЈО смета дека проневериле државни пари за лично богатење.

Осомничените освен набавката на опремата преку приватна фирма која го застапувала МВР, подоцна со анекси на договорот скроиле план за ново користење на пари од буџетот за дополнителни набавки и одржување на опремата, иако според СЈО немало потреба од тоа.

Според доказите на Обвинителството, осомничените со цел да набават опрема во име на УБК, во 2010 година оствариле состанок со претставници на фирма од Велика Британија и договориле набавка на опрема и обука за нејзино користење за потребите на Петтата управа.

Но, наместо набавката да се изврши директно со фирмата од Британија, првите двајца осомничени договориле опремата во име на МВР да ја набави приватната фирма ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, каде од 2009 до 2011 управител било лице кое е во крвно сродство со третоосомничениот. Основач на „Финзи“ е запишано правното лице Финзи ДОО од САД, а сопственикот во Македонија се уште е непознат.

-Постои сновано сомнение дека откако го договориле начинот, условите и цената на набавката на опремата, прво и второосомничениот по враќање во Република Македонија усно му наложиле на сведокот, кој е вработен во МВР, да започне со постапка за набавка на опрема од правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје и истата да се спроведе без примена на условите предвидени во законот за јавни набавки, рече обвинителката Фатиме Фетаи, појаснувајќи го случајот.

Фетаи рече дека третоосомничениот учествувал во дефинирање на техничките спецификации на опремата, а четвртоосомничениот како службено лица со умисла помогнал во реализацијата.

Дополнително, истрагата ќе треба да покаже каде завршиле парите, како и тоа кој реално стои зад македонската компанија која извршила увоз и наводно одржување на опремата.

Откако ФИНЗИ извршиле увоз на опремата од Британија со фактура од 1 милион 452.403 евра, истата опрема  ја префактурирала према МВР на вкупен износ од над два милиони евра и така ја препродала на МВР. Со ова ФИНЗИ стекнала имотна корист од 362.039 евра и ја нанела првата директна штета на Буџетот на Република Македонија.

Во 2011 година, двајцата првоосомничени му наредиле на сведокот дека УБК има потреба од набавка на дополнителна опрема. Поради тоа, изготвен е анекс кон договорот, и во декември 2013 меѓу МВР и ФИНЗИ која во тој период била управувана од Коста Крпач склучен е договор за купување дополнителна опрема.

За таа цел, четвртоосомничениот без да има овластување ставил своерачен потпис и печат за дополнителната набавка.

Една година подоцна, склучен е уште еден анекс на договорот меѓу британската фирма и МВР (застапувано од фирмата ФИНЗИ) , а опремата наведена во фактурата иако  различна од барањето за доопремување и понудата за склучување на анексот  сепак износот бил целосно исплатен од страна на МВР со што осомничените извршиле уште една злоупотреба на буџетот.

Со цел да стекне корист фирмата ФИНЗИ, двајцата осомничени иако немало потреба од одржување на опремата, изготвиле план како таа да се одржува.

Така во 2015 година МВР на РМ, застапувано од сведокот и правното лице ДТУ ,,Финзи,, ДООЕЛ Скопје, склучиле Договор за извршување на услуги за редовно одржување, сервисирање, надградување и поддршка на хардвер, софтвер и лиценци на севкупните системи и опрема од производителот од Велика Британија на принцип на целосно каско одржување.

Според доказите на СЈО, МВР се обрзала на ФИНЗИ да му исплаќа авансен месечен паушал, по претходно доставена месечна про-фактура во износ од по 1.947.500,00 денари без ДДВ, со вкупна вредност на договорот од 46.740.000,00 денари без ДДВ.

ФИНЗИ ДООЕЛ Скопје не ја извршило услугата, бидејќи немало технички и човечки капацитети, ниту пак имало потреба од таква услуга.

-Од досега прибраните докази за предметот „Трезор“, а со кои ова Обвинителство располага, може јасно да се извлече заклучокот дека постои основано сомнение дека инволвираните ги сториле предметните дела. Почитувани! Парите, како и вистината, се како шило. Ова обвинителство ќе вложи максимални напори, секој кој злоупотребил народни пари, да седне на обвинителна клупа и да ги врати парите, истакна пред еден месец Фетаи.

В.В.

Поврзани новости