Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков кој денеска беше осуден на 12 години затворска казна за масовното прислушување може да биде во притвор само 60 дена од објавата на пресудата.
Обвинителката, Ленче Ристоска што го застапуваше обвинението за предметот „Таргет-Тврдина“ по изрекувањето на пресудата, објасни дека роковите за издржување на мерка притвор, според Кривичниот законик се навистина кратки бидејќи постапката што се водеше против Мијалков беше скратена, и против него беше поднесен обвинителен предлог, а не обвинение.
Ова при соопштувањето на одлуката за ефективен притвор за Мијалков го потенцираше и судијката, Џенета Бегтовиќ.
-Спрема обвинетиот Сашо Мијалков се определува мерка притвор согласно член 481 став 4 од ЗКМ во врска со член 470 став 1 точка 1 од ЗКП до правосилноста на пресудата на овој суд, односно до започнување со издржување на казната, но најдолго 60 дена согласно член 481 став 4 од ЗКП а поради постоење на основите од член 471 став 1 точка 1 од ЗКП. Судот потенцира дека против обвинетиот Сашо Мијалков е поднесен обвинителен предлог па согласно член 481 став 4 од ЗКП предвидено е по објавување на пресудата во таков случај притворот да трае најмногу 60 дена. Обвинетиот Сашо Мијалков од Скопје да биде примен во КПУ затвор „Скопје“ – Скопје на издржување мерка притвор, рече Бегтовиќ.
Се очекува Мијалков да биде пренесен во Шутка од неговиот дом, каде овие денови ја издржуваше мерката куќен притвор.