Поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков кој е во затвор за масовното прислушување „кружел“ со автомобилот околу зградата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и го чекал да стигне новинарот Мишко Иванов пред да се предаде во Обвинителството во февруари, кога никој не знаеше каде е неколку дена.
Ова го открива раководителката на Обвинителствотo за гонење на организиран криминал, Вилма Русковска во интервју за емисијата „Во Центар“.
Во емисијата Русковска објаснува дека адвокатот на Мијалков, Петар Василев дошол во Обвинителството и им кажал дека за кратко ќе стигне Мијалков и ќе се предаде.
Истражителите на Русковска се симнале пред зградата и го виделе Мијалков како „кружи“ со возилото околу зградата.
-Го гледаме возилото поминува еднаш, врти круг, поминува уште еднаш, врти круг. Кога го видовме Мишко Иванов дека се мести со камерата, сфативме дека го чекал да дојде Мишко. Така да, не е случaјно тоа со Мишко, вели Русковска која раскажа што и кажале истражителите.
Тие дури биле и подготвени да го запрат возилото, ако продолжело да кружи околу зградата. Откако обвинителството побара притвор за Мијалков за масовното прислушување, на Мијалков му се губи трагата за потоа сам да се појави во Обвинителството.
За Телевизија 24 изјави дека бил болен и имал температура преку 40 и бил во изолација.
-Сите што ме знаат, знаат дека кога ќе дадам збор, си стојам на зборот, јас никогаш нема да бегам. Кога дознав утрово веднаш еве дојдов да си го земам решението за притвор, рече Мијалков.