На денешното рочиште за случајот „Таргет и Тврдина“, обвинетиот Сашо Мијалков, останатите обвинети, како и адвокатите ќе треба вкрстено да го испрашуваат сведокот Ѓорѓи Лазаревски за нелегалното прислушување во УБК.
Лазаревски е поранешен вработен во УБК, и еден од двајцата свиркачи кои го открија прислушувањето, а на минатите рочишта обелодени како се одвивало прислушувањето, и како заедно со Звонко Костовски ги зачувале „бомбите“, кои ја докажуваат аферата.
Во предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
В.В.