Мијалков ја тужи државата во Стразбур за притворот

by fokus

Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, ја тужи државата во Судот за човекови права во Стразбур, за мерката притвор која му била одредувана во 2018 и 2019 година, за неколку предмети покренати од СЈО.
Поточно, го оспорува притворот одреден за време на истрагата за случајот „Империја“, за „Таргет и Тврдина“ и за „Титаник 2“.

Во апликацијата се наведуваат податоци за изрекувањето и времетраењето на притворот за секој од предметите, па така се потенцира дека во ноември 2018 година му бил одреден притвор за случајот „Империја“, поради ризик од бегство. На 1 декември притворот му бил укинат, но потоа му бил одреден нов за случајот „Таргет и Тврдина“, исто така поради ризик од бегство.

-На 29 декември 2018 година, Основниот суд Скопје донесе одлука со која му се определува куќен притвор на жалителот поради ризик од бегство. Куќниот притвор беше продолжен на 25 јануари и 26 и 28 февруари 2019 година. На 1 февруари 2019 година жалителот побарал да му се укине куќниот притвор, што барањето беше одбиено од Основниот суд Скопје на 1 април 2019 година. На 27 март 2019 година, по жалбата на жалителот, Врховниот суд ја поништи наредбата за куќен притвор и го ослободи жалителот од притвор, пишува во апликацијата.

Потоа се оспорува и притворот одреден по пресудата за случајот „Титаник 2“, односно дека Мијалков повторно бил вратен во истражниот затвор „Скопје“ на 8 март 2019 година, а Апелација му го заменила притворот со куќен притвор.


По оваа статистика, адвокатот на Мијалков навел и дека притворот бил незаконски и неразумен.

-Тужителот се жали дека притворот од претходна постапка, определен во првиот сет на постапки, бил незаконски, произволен и неразумен, што ги прекршува различните аспекти на членот 5 од Конвенцијата. Понатаму, тој се жали дека постапката за ревизија пред Апелациониот суд во Скопје, по неговото барање укинување на наредбата за куќен притвор од 1 февруари 2019 година (наредена во втората постапка), не биле компатибилни со членот 5 став 4 од Конвенцијата, се наведува во апликацијата.

Во тужбата исто така се поентира и дека во 2016 година тогашниот претседател на државата донел одлука за помилување, со што Мијалков бил иземен од гонење за некои кривични дела. Потоа се појаснува и дека претседателот Ѓорѓе Иванов ја поништил дадената аболиција, за што се води посебна постапка пред европскиот суд.

Тужбата на Мијалков е земена во работа, а сега следниот чекор треба да го направи Министерството за правда, од каде што ќе треба да одговорат на прашањата испратени од судот во Стразбур.

Од прашањата се забележува дека судот се обидува да ја расчисти и дилемата околу законитоста на аболицијата на Иванов.

Прашањата се:
1. Дали одлуката за помилување на претседателот на државата од 12 април 2016 година беше неотповиклива? Дали одлуката за отповикување на Претседателот на државата од 27 мај 2016 година беше базирана на последователна законска одредба (дел 11-а од Законот за помилување од 2016 година, Службен весник бр. 99/2016) компатибилна со принципите на владеење на правото и правна сигурност?

2. Дали Законот за помилување од 2016 година беше од индивидуализирана природа и насочи кон одредени лица? Со оглед на краткорочната природа на правото на претседателот да го отповика помилувањето издадено без редовни постапки, дали Законот за помилување од 2016 година беше компатибилен со принципите на владеење на правото и правна сигурност?

3. Дали е дозволено гонење на жалителот во врска со наводните кривични дела за кои се однесуваат одлуките за помилување и укинување од страна на Претседателот на државата, во однос на домашното право?

4. Во контекст на горенаведените размислувања, дали притворот на жалителот – определен во контекст на кривичната постапка подложи на одлука за помилување и отповикување од страна на Претседателот на државата – „во согласност со процедурата пропишана со закон“ во смисла на Член 5 § 1 од Конвенцијата (види Лекса против Словачка)? Дали има повреда на член 5 став 1 од Конвенцијата?

5. Дали притворот на жалителот беше компатибилен со членот 5 став 3 од Конвенцијата? Дали основите дадени од судовите, вклучително и постоењето на одредени оперативни информации, беа наведени како основа во налогот за притвор од 20 ноември 2018 година, доволни како што се бара според оваа одредба (види Мерабишвили против Грузија; Миладинов и други против поранешната југословенска Република Македонија; и Василкоски и други против поранешна Југославија Република Македонија)? Дали жалителот бил информиран за суштината на наведените оперативни информации и/или можел да ги оспори?

6. Дали постапките во врска со наредбата за притвор издадена против жалителот на 20 ноември 2018 година беа противречни во смисла на член 5 § 4 од Конвенцијата?

7. Дали постапката за ревизија пред Основниот суд Скопје, по барањето на жалителот да биде укината наредбата за домашен притвор од 1 февруари 2019 година, беше компатибилна со барањето „брзо“ во смисла на член 5 § 4 од Конвенцијата?

Додека тече оваа постапка, за околу една година, Судот за човекови права во Стразбур, ќе треба да пресече и дали аболицијата на екс претседателот Ѓорге Иванов ќе “оживее” и од кривичен прогон ќе се спасат поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, на кои им се суди за предметите кои ги отвори СЈО.

Валентина Вурмо

Поврзани новости