Од Обвинителството предмалку информираа дека никој нема да понесе кривична одговорност за неодамнешното бегство на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, бидејќи предистражната постапка утврдила дека никој од институциите не му дошепнал дека за него се бара притвор.
Сепак, се наведува дека од моментот кога полицијата притигнала пред неговиот дом за да му го врачи решението, па се до нивниот влез во домот, поминале 45 минути, поради што Мијалков имал доволно време да излезе од задниот влез, и пешки да избега.
„Јавниот обвинител утврди дека географската поставеност на теренот на улицата каде се наоѓа домот на обвинетиот, доведена во корелација со просторот кој бил обезбедуван од службите на МВР, како и времето на обезбедување од моментот на обидот за доставување на судското решение до времето на проверка на домот од службените лица, овозможувала тој незабележано да излезе од својот дом.
Имено, беа прегледани видео записите од камерите поставени во домот на обвинетиот, камерите од околните објекти, хотели, јавни претпријатија, камерите од Сејф Сити за движење на возилата кои беа предмет на интерес. Притоа не е забележан обвинетиот како се одалечува од својот дом. Сепак, од доказите обезбедени во предистражната постапка како теорија на случај се наметна само теоријата дека С.М. се оддалечил од својот дом во моментот кога полициските службеници се доближиле до неговиот дом и побарале да му врачат решение.
Ова меѓу другото, произлегува и од околноста, дека телефонот кој обвинетиот го користел се гаси во истиот момент кога полицијата доаѓа пред неговиот дом. Од тој момент кога полицијата дошла пред домот на обвинетиот, до моментот кога службените лица го пребарале домот, поминале најмалку 45 минути, во кое време имал доволно голема временска рамка да се оддалечи од својот дом, а местоположбата на неговиот дом овозможувала тоа да биде направено незабележано преку задниот излез, движејќи се пеш во реон кој не е обезбеден со безбедносни камери и лоцирајќи се во некој од околните објекти, велат од Обвинителството.
Неговиот дом е лоциран на Водно, па поради тоа и сомневањата се дека се засолнил во некој од околните објекти.
Веќе трет месец пак Мијалков е на безбедно, односно во истражниот затвор „Шутка“. Тој поднесе гаранција од 10,8 милиони евра со кои бара да се брани од слобода. Кривичниот суд не му ја прифати гаранцијата, а сега за неа ќе одлучува Апелациониот суд.