Мијалков и понатаму без пасош, судот одби да му го врати

by fokus

Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на УБК, и понатаму останува без својот пасош, бидејќи Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, донесе одлука да се одбие неговото барање, и мерката на претпазливост да остане.

Оваа информација ја потврдија од Кривичниот суд, откако претходно информиравме дека Мијалков поднел барање за враќање на патната исправа, која му била потребна од приватни причини. Од судот појаснуваат дека барањето било поднесено на 21 февруари, по што веднаш била донесена и одлуката.

Патната исправа на поранешниот прв човек на УБК му беше одземен како обвинет во случајот „Таргет“ на СЈО, пред осум месеци. Специјалното јавно обвинителство тогаш бараше притвор, но Кривичниот совет одлучи да му одреди мерка на претпазливост, односно му го одзеде пасошот, со што му се оневозможи излез од држават и му даде обврска еднаш неделно да се јавува во судот.

Мијалков е обвинет во четири случаи на СЈО и тоа „Титаник 2“ за изборните измами, „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски, „Трезор“ за незаконска набавка на опрема и „Таргет“ за нелегалното прсилушување.

Во случајот „Титаник 2“ за Мијалков е поднесен обвинителен предлог во кој се гони за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ за што е предвидена затворска казна од една до пет години.

Во случајот „Тортура“ против него е поднесен обвинителен акт, каде што се гони за кривичното дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ за што е запретена затворска казна од три до осум години.

Во случајот „Трезор“ против Мијалков е поднесен обвинителен акт, во кој се гони за  „злоупотреба на службената положба и овластување“ за што е предвидена казна од најмалку пет години.

Во случајот за нелегалното прислушување „Таргет“, пак, за Мијалков е поднесен обвинителен предлог, во кој се гони три кривични дела и тоа за злосторничко здружување за што е предвидена казна од една до пет години, за злоупотреба на службената положба, за што е пропишана казна од шест месеци до пет години и примање награда за противзаконито влијание, кое се казнува со една до три години.

В.В.

Поврзани новости