Мијалков го стресе Судскиот совет, а фирма од пајажината на брат му ја проверува психолошката состојба на судиите!

Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и „Виста груп“ќе продолжат да ги вршат психолошките тестирања на судиите, иако претходната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, не го продолжи договорот со нив, откако добила информација од владата дека нема акредитирана институција што врши психолошки тестирања. Оваа блокада ја извади во јавност фирмата позната по психолошките тестирања на администрацијата, која добива јавни пари. Како таа се поврзува со Влатко Мијалков, брат на далеку попознатиот Сашо Мијалков?

by fokus

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Фамозната компанија „Виста груп“, која беше актуелна за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ додека психолошки ја проверуваше цела администрација, неодамна ја воскресна Судскиот совет. Оваа фирма, всушност, излезе во јавноста откако се проблематизираа психолошките тестови за судиите.

Од минатата година немаше кој да ја проверува нивната психолошка состојба, па не можеше да се изберат осум нови судии во Апелацискиот суд, кој кубури со кадар, но и 30 судии, слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители.

Во 2022 година, тогашната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева, не го потпишала анексот на договорот од 2019 година со Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и „Виста груп“ и побарала мислење од владата.

Одговорот од Кабинетот на вицепремиерката за дoбро владеење, Славица Грковска бил дека во државава нема акредитирана институција за спроведување на овие тестови, што е законски услов.

Со овој проблем, мандатот го почна и новиот претседател Сашко Георгиев, кој чекаше решение од министерот за правда, Кренар Лога. Сите драми завршија со заклучок на влада која го продолжи договорот со Институтот и „Виста груп“.

Во 2019 година, со измените во Законот за Судскиот совет, за спроведување на психолошкиот тест и првиот дел од тестот за интегритет, Судскиот совет ангажира стручни лица од независна и целосно акредитирана професионална институција и дека психолошкиот тест се спроведува врз основа на меѓународно признати психолошки тестови за вршење на функцијата судија, кои се применуваат во најмалку од една од земјите-членки на Европската Унија.

Откако е донесен Законот за тестот за интегритет и психолошкиот тест од 2015 година, тогашниот претседател на Советот, Бранко Ушковски склучил договор со Институтот и „Виста груп“ за спроведување на овие тестови што ги поминале сите судии. Сите претседатели после него само го продолжувале договорот.

Вакви психолошки тестови и тестови за интегритет, судиите и јавните обвинители полагаат и на Академијата за судии и јавни обвинители, па обвинителите немаат законска обврска да прават психолошки тестови. Единствено вакви тестови прават судиите и идните судии и обвинители во Академијата.

Пред контроверзното разрешување, дел од членовите на Советот ја прозваа Дамева токму за непотпишувањето на Анексот и ја обвинија дека со ова го блокира изборот на нови судии во второстепениот суд, кој е десеткуван. Но, Дамева децидно кажа дека, според неа, потпишувањето таков анекс е противзаконско.

– Нема законска основа да се потпише таков договор. Кој потпишувал пред мене, тоа не е важно. Тоа е тема за анализа со која другите органи ќе се занимаваат. Мене ми е жал што за тие штетни договори некој ќе мора да одговара – одговори Дамева.

Но, оваа дебата за блокадата на изборот на судии и потпишувањето на анексот ја потиснаа караниците и расправиите во Советот, кои резултираа со разрешувањето на Дамева.

Првичните информации, предупредувањата и обвинувањата уште пред да почнат драмите во Советот беа дека Дамева, всушност, е „жртвувана“ зашто сакала да го стави на дневен ред разрешувањето на судијата од Апелацискиот суд, Енвер Беџети, кој со месеци го држеше во фиока главниот предмет во кој е обвинет поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, за масовното прислушување, иако имаше и други информации дека заднината за случувањата во Советот е сосема друга.

Тектонските нарушувања во Советот почнаа со Мијалков, а проблемите што сега се појавија, пак, се поврзани со презимето Мијалков. Но, сега не станува збор за Сашо, туку за неговиот брат Влатко Мијалков.

Компанијата „Виста груп“, која седум години го спроведува техничкиот дел од психолошките тестови, како што пред неколку години пишуваше неделникот „Фокус“, е во пајажина со фирми поврзани со помладиот Мијалков.

Тогаш обезбедивме податоци од надлежните институции, кои откриваат дека и помладиот Мијалков, кој за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ немаше јавна функција, туку беше на советничка позиција во македонската царина, основал приватна компанија.

Проверките покажаа дека оваа фирма се доведува во директна и индиректна релација со десетици други компании од сферата на ИТ, градежништвото, консалтингот, како и производство и трговија со струја.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости