Мијалков го праша сведокот од УБК: Зарем мислите дека сум уживал да се слушам самиот себе?

by fokus

Денеска во Кривичниот суд продолжи сведочењето на актуелниот помошник-директор на Петтата управа во МВР, Сашо Трајковски за случајот „Таргет-Тврдина“, односно за масовното нелегално прислушување во УБК.

Тој и обвинетиот Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, се соочија во судница, односно сведокот одговараше на вкрстени прашања на Мијалков.

Мијалков го праша сведокот како знаел под кој пасвор кој таргет се прислушува, односно праша како знаел дека под „Лијаве“ е прислушуван Велија Рамковски?

Сведокот одговори дека при технички проблем на системот го отворил токму аудиото на кое течел разговор на Рамковски.

-По појава на дефект интервенирав со рестартување на серверот и потоа на веќе отворен софтвер кликнав на таргетот „Лијаве“. Почна аудио, и тогаш од другата страна соговорникот рече: „Добро утро Рамковски“’, рече сведокот.

Мијалков, незадоволен од одговорот му возврати, како можел од 20.000 разговори да налета баш на Рамковски?

Обвинителот Артан Ајро од место низ смеење дофрли дека добил бинго.

Сведокот дополни дека псевдонимите на нелегално прислушуваните таргети биле комбинација на слогови од името.

Мијалков тогаш го праша сведокот зошто при вакви проблеми во системот, не ги употребувал броевите наменети за тестирање?

Сведокот Трајковски рече дека така немало да открие дека нелегално се прислушува. Тогаш Мијалков го праша зошто не пријавил кога дознал дека нелегално се прислушува?

-Еве, зошто тогаш не си дошол да пријавиш кај мене?

Сведокот пак рече дека не се осмелил. Појасни дека нелагалните таргети кои биле ставени под „важно“, оделе во компјутерот во неговата канцеларија.

-Затоа не се осмелив да пријавам кај вас, рече сведокот Трајковски.

Мијалков продолжи со прашањата па рече: „Велите дека и од канцеларијата на директорот се слушале таргетите. Па дали сметате дека сум уживал да се слушам самиот себе и да не ги отстранам другите таргети кои комуницирале со мене?“, праша Мијалков, но судот не го дозволи прашањето.

Судијката Џенета Бегтовиќ и обвинетиот Мијалков во неколку наврати не можеа да се разберат околу прашањата, бидејќи судијката ги оценуваше како општи и не ги дозволуваше. Мијалков, пак реагираше:

-Јас ви го кажав прашањето ама вие не го запишувате во записник и прашувате пет пати!, рече Мијалков.

Судењето е во тек.

В.В.

Поврзани новости