Мијалков ем во притвор ем со имот под хипотека

by fokus

Министерот за правда направи невиден политички притисок како извршна власт врз судството, реагираат адвокатите на поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, Звонко Давидовиќ и Петар Василев, откако вчера Апелација му ја прифати гаранцијата на Мијалков за случајот „Трезор“, а само по неколку часа Кривичен суд му одреди притвор за случајот „Плацеви на Водно“.

Давидовиќ објаснува дека сега за Мијалков е активна и гаранцијата и плус му определен притвор бидејќи одлуката на второстепениот суд е правосилна.

-Сега за Мијалков имаме применет цел Закон за кривична постапка, имаме притвор, имаме гаранција, имаме мерки на претпазливост што е спротивно на сите прописи и на меѓународните стандарди.

Основниот суд не може да ја укине гаранцијата, не може ни ние да ја укинеме, затоа што на тоа решение на Апелација немаме право на жалба. Тоа е правосилно, во сила е решението на Апелација и цел имот му е под хипотека и е во притвор, вели Давидовиќ.

Мијалков понуди над 11 милиони гаранција и сега таа гаранција му е впишана во катастар, па тој имот не може ниту да го продава, ниту да го отуѓува, а сепак остана во притвор за друг предмет.

Давидовиќ тврди дека Мијалков неколку часа незаконски бил во притвор, а Апелација во решението ги зел предвид сите околности и сите предмети во коишто е обвинет.

-Вчера на ист датум беа донесени две решенија спротивни едни на други, а правило е дека решение на определен суд може само во законита постапка да се поништи од повисок суд. Вчера се случи Основниот кривичен суд да дерогира, да стави вон сила решение на Апелација којшто е повисок суд од него.

Апелациониот суд ја прифати гаранцијата и ги проценуваше сите околности на обвинетиот што значи сите предмети и сите лични околности така да смета дека таа значителна гаранција го обезбедува присуството. За жал Кривичниот суд го држеше обвинетиот надвор од законот без никаков правен оснв неколку часа во притвор затоа што правосилноста на решението на Апелациониот суд беше во сила во 14 часот, а дури околу 21 часот му го врачија новото решени, вели Давидовиќ.

Според него, Кривичен во решението за изрекување на притвор како образложение го напишал тоа што Мијалков има две казни коишто не се правосилни, истрага која се води со години, „Империја“, но и тоа дека има контакт со странски разузнавачи од околината и израелската тајна служба.

Мијалков денеска беше спроведен од притвор на судењето за случајот „Плацеви на Водно“, предмет за којшто му беше одреден нов птриесетдневен притвор.

Апелација вчера донесе одлука да му ја прифати на Мијалков гаранцијата од 11 106 501 евро и му го укина притворот којшто му беше определен за случајот „Трезор“. Мерката притвор му  ја преиначи во мерка претпазливост, односно одземање на пасошот и обврска да се јавува во суд.

Но, Обвинителството до Кривичен за неколку часа поднесе предлог за определување на мерка притвор за предметот „Плацовите на Водно“, по што Кривичен му одреди притвор од 30 дена.

Тој има првостепена пресуда и во случајот „Таргет – Тврдина“ со која е осуден на 12 години затвор, а обвинет е и во случаите „Плацови на Водно“ и „Титаник 2“, а осомничен е и во предметот „Империја“. Во „Тортура“, пак, доби ослободителна пресуда.

Сашо Мијалков се наоѓа во затворот во Шуто Оризари од 26 февруари годинава, откако претходно неколку дена беше во куќен притвор.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости