Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, од вчера се наоѓа во притвор во истражниот затвор „Скопје“. Директорот на затворот Филип Андонов за „Фокус“ појаснува дека Мијалков поради здравствените протоколи за Ковид-19 моментално е сам, а се превземаат и засилени безбедносни мерки.
-Лицето Сашо Мијалков е примено во одделението за издржување на мерка притвор во КПУ Затвор Скопје на ден 26.02.2021 година во 16:00 часот врз основа на решение на Основен кривичен суд Скопје – Скопје, со кое му е определена мерка притвор.
Притвореното лице е сместено во одделението за издржување мерка притвор. За притворениот се преземаат засилени безбедносни мерки, во согласност со сите процедури и воспоставени стандарди. Дополнително се прават и чести контроли.
Веднаш по приемот во установата, поради здравствените протоколи Сашо Мијалков како и сите други нови притворени лица е сместен сам, изјави директорот Андов за „Фокус“.
Мијалков откако беше исчезнат 48 часа, се појави во Обвинителството за да го подигне решението за притворот. Тој изјави дека бил во изолација, со температура над 40 степени. Инаку Мијалков во ноември беше заразен со корона вирусот.
Поради изречената затворска казна од 12 години за „Таргет и Тврдина“ неговиот куќен притвор беше заменет со ефективен, во истражниот затвор, каде што најмногу може да биде задржан два месеци.