Обвинението за случајот „Трезор” е засновано врз претпоставки, посочи адвокат Петар Василев, во неговите завршни зборови за овој предмет. Тој додаде дека Обвинителството прво кажало дека Сашо Мијалков е сопственик на фирмата „Финзи“, а потоа дека не се знае.
– Неспорно е дека набавката за опрема во МВР, се врши преку помошник-министер кој одговара директно пред министерот. Директор не може да даде наредба на помошник-министер. Обвинителството со ниту еден доказ не докажа дека Мијалков, му наложил, сугерирал за набавка на опрема, рече адвокат Василев.
Адвокат Љупчо Шврговски, во своите завршни зборови, рече дека постапката во овој случај ја води неовластен тужител.
– Ѓоко Поповски, кажа дека не се сеќава кој, кога и како дал препорака дека преку фирмата „Финзи“, ќе се врши набавката на опремата. Не постојат физички и електронски докази дека Сашо Мијалков и Небојша Стајковиќ, комуницирале со нив, изјави адвокатот Шврговски, кој на судот му предложи да донесе ослободителна пресуда за неговиот клиент, со оглед дека јавните обвинители не го докажале обвинението.
Обвинетиот Тони Јакимовски, додаде дека тој бил четири нивоа после помошник-министерот, и дека немал можност да му даде наредба нешто да стори.
Во „Трезор“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, како и поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ, и поранешениот началник на Петтата управа во МВР, Горан Грујевски. Тројца се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања, а Тони Јакимовски за помагање. МИА