Мијалков: Чудно е што нема постапка за Мицкоски, дали цената на амнестијата е губење на изборите?

by Frosina Fakova

Поранешниот директор на УБК и поранешен висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ кој е обвинет во неколку случаи на поранешното СЈО, со објава на својот Фејсбук профил го поставува прашањето зошто за Христијан Мицкоски нема ниту еден предмет или притвор, иако пред изборите СДСМ го обвинуваше за криминал со хидроцентралите, за сомнителни исплати од ЕЛЕМ, за незаконско финансирање на кампањата, за сомнителни договори за локалните избори во Охрид, па дури и за непотизам при вработувањето на факултет.

-Сепак нема кривична постапка за ниту еден предмет, а уште помалку притвор за Мицкоски. Малку е чудно што Мицкоски обвинуваше дека Заев го контролирал судството и обвинителството, а сега за него нема ни притвор, ни пријава. Затоа легитимно се поставува прашањето дали цената на амнестијата на Мицкоски е губење на изборите и уште колку избори Мицкоски треба да загуби?, напиша Мијалков.

Тој повтори дека ако Мицкоски му дозволи на лидерот на СДСМ, Зоран Заев да ја направи новата влада и не успее да испреговара поинакво мнозинство, треба да си замине и да ја ослободи партијата.

Поранешниот директор на партискиот лидер му порачува дека нема фајде од плачење и глума по телевизии и вели дека Мицкоски го троши времето на пресметка со сопартијци по медиумите наместо да составува влада.

-Наместо да го искористи времето што Заев му го препушти додека е на одмор за да ги убеди партиите на Албанците во својата агенда, Мицкоски несериозно целото свое внимание и вниманието на медиумите блиски до него го насочува во објавување на лаги за мене, меѓу многуте и една голема, дека некој судија заборавил да закаже рочиште. Не заборавил никој, туку поротник замина во пензија и според законот за к.п. постапката се враќа од почеток, процес на кој не може ниту јас ниту било кој политичар да влијае. Три години не сум во раководните структури на партијата. Не учествував во изготвување на програмата, а уште помалку во изборот на кадровските решенија. Мицкоски може да лаже колку сака, но вината за поразот е каj него. За Заев одработува тој што ја водеше партијата во порази, пишува Мијалков.

Поврзани новости