Мигрантка од Сирија денеска роди девојче во Здравствениот дом Гевгелија. Како што извести македонската полиција, околу 11 часот во близина на граничната линија, патролен тим од Полициската станица Богородица наишол на сопругот и бремената жена која имала породилни болки. Полицајците повикале лекар кој ја прегледал жената и потоа таа била префрлена во Здравствениот дом каде се породила.
Мајката и сопругот се сириски државјани, по потекло од Палестина, а живееле во кампот „Јармук“ кај Дамаск. Поради лошата ситуација таму, пред два месеца тргнале преку Турција, Грција и Македонија, кон Србија, а крајна дестинација им била Германија, каде веќе имале роднини кои успеале да стигнат.
Мајката и бебето сега се хоспитализирани во Здравствениот дом Гевгелија и ќе останат таму додека е потребно.