Брод на италијанската крајбрежна стража денеска се закотви во пристаништето Бари со 12 мигранти превезени од новоотворениот италијански центар за мигранти во Албанија.
Пред осум дена, согласно договорот меѓу Италија и Албанија за регулирање на илегалната миграција во Европската унија, во Албанија беа отворени два прифатни центри за мигранти кои пристигнуваат во Италија.
Во ноември 2023 година, албанскиот премиер Еди Рама и италијанскиот премиер Џорџија Мелони се договорија да испратат илјадници бегалци и баратели на азил спасени од Медитеранот со италијански бродови во Албанија.
Ова е прв пример на не-членка на ЕУ да прима мигранти во име на земја-членка на Унијата, што ги заинтересира другите западни земји кои се обидуваат да го обесхрабрат зголемениот број на мигранти кои пристигнуваат во западните земји од Африка, Блискиот Исток и други области.
Но, денеска 12 мигранти од прифатниот центар во Ѓадер, Албанија беа вратени во Италија откако судот во Рим не го потврди нивното префрлање во Албанија.
По пристигнувањето на бродот, седум Бангладешци и пет Египќани биле префрлени во центарот за азиланти во Бари.
Мигрантите пристигнаа во Ѓадер во средата, но специјалниот оддел на судот во Рим задолжен за имиграција го откажа нивниот трансфер во Албанија со образложение дека земјите од кои дошле, Бангладеш и Египет, не се безбедни и затоа мора да бидат вратени во Италија.
Папата Франциско во саботата рече дека вратата не треба да се затвора за мигрантите, туку „треба да се хранат и да им се подаде рака за да не се удават“.
„Бог многу ги сака и се грижи за мигрантите. Не смееме да ја затвораме вратата за мигрантот. Тој мора да биде пречекан со раширени раце, придружуван и интегриран“, рече Папата.