Соби со оштетени ѕидови, дотраени кревети со искинати душеци, без постелина, стари ќебиња, расфрлани остатоци од храна, ниско ниво на хигиена е глетката на која наиде екипата на МИА во старачкото одделение, кое е дел од затворениот дел на Идризово.
Имавме можност да ги посетиме сите одделенија во најголемиот затвор – најшокантен беше впечатокот во санитетското одделение, каде казната ја издржуваат болни и зависници од дрога, но условите во делот, каде се сместени најстарите осуденици исто така не ги задоволува основните стандарди на хуман третман на затворениците.
До затвореното одделение се влегува преку посебен влез на кој бевме подложени на претрес, мобилните телефони на дел од нашата екипа беа одземени, а на дел им беа оставени по налог на директорот, бидејќи ги користевме како средство за работа.
Излегувате на отворен простор каде се наоѓа игралиштето, на кое затворениците од затворениот дел шетаат и кога е подобро времето, (ние таму бевме во зимски и снежни услови) се рекреираат на спортскиот терен. На самиот влез во објектите од десна страна е старечкото одделение.
Таму се сместени 38 затвореници, постари осуденици, но тука забележавме и такви кои не се толку стари, а имаат одредени психички нарушувања.
Кога ја забележаа новинарската екипа како се приближува до објектот не повикаа да влеземе внатре, да видиме каде спијат, на што спијат, каде јадат, да ги видиме условите.
-Влезете внатре, има тука за гледање, болни луѓе инвалиди. Ќе напишеме писмо кај директорот, не не викаат, ко вампири да сме, крокодили, ни кажа зад затворената порта на дворот од старечко, еден од осудениците, кој е осуден за дилање дрога.
Наидовме на ќелии во кои беа сместени повеќе затвореници, отприлика по осум во соба. Во една од нив лежи осуденик, кој има проблеми со бубрезите и оди на дијализа, секој втор ден во Железара, ни ја покажа едната нога, која му беше зафатена од гангрена. Осуден е на пет години за сексуален напад врз малолетничка, одлежал три.
Неговиот цимер вели дека немаат средства за хигиена, за миење садови, а на нашето прашање дали од дома им праќаат, ни одговори дека немаат да му пратат, неговата сопруга живее од социјално со пет деца.
-Храната беше едно време подобрена, од Нова година навака само виршли и маргарин, ни кажа тој, кој веќе две години е во затворот за разбојништво.
Постарите осуденици особено ни се пожалија дека немаат лекови, а велат ним им се најпотребни со оглед на тоа што тие сите боледуваат од нешто. Лекови им испраќаат од дома, а на оние кои нема кој да им испрати се снаоѓаат како знаат и умеат.
Затвореникот кој е осуден за препродавање дрога ни раскажа дека повеќе пати се враќал во затворот и дека иако има потреба да го однесат во болница, не го носеле, има потреба од лекови, ама му рекле „нека ти купат и пратат ќе ти ги донесеме“.
-Ќе те врземе ќе те обесиме тука, така ни викаат, тоа е тортура, изјави тој.
Ни кажа дека пред неколку дена починал еден затвореник сместен во старечкото одделение, иако било кажано дека починал одејќи кон болница.
-На телевизија кажаа дека умрел по пат. Тоа не е точно, умре тука. Како може по пат да умре, многу луѓе умреле тука. Тука умираат луѓето, умираат од зорт, ни изјави овој затвореник.
Неодамна беше усвоен Кодекс за однесување на службените лица во извршување на работните задачи во казнено-поправните и воспитно-поправните установи. Беа спроведени и тренинзи и во Идризово, а директорот Боби Мојсовски во разговор за МИА вели дека во затворот нема прекумерна употреба на сила и тортура.
-Во овој период многу ретко има примена на сила, во Законот за извршување санкции и во Кодексот се знае кога треба да се употреби сила. Во еден наврат тоа е направено, при напад врз службено лице, во еден случај откако сум дојден јас во девет и пол месеци. Тоа е пријавено и кај Народен правобранител и истото се пријавува и во Управата за извршување санкции, нагласи Мојсовски.
Здравствена заштита – на што и да се пожалиш ти мерат притисок
Во затворот има амбуланта, но сега таа е во надлежност на Здравствен дом Скопје. Во неа се вработени двајца доктори, две сестри и еден стоматолог, што секако е малку персонал за опслужување на над илјада затвореници. Сепак, ни кажаа од Управата сега за бројот на персоналот одлуката ја носи Здравствениот дом, а не тие. Затворениците во разговор за МИА ни се пожалија на здравствената заштита во затворот. Велат каков проблем и да имаш само ќе ти измерат притисок.
Од Управата велат дека тие пишуваат барања до директорот на Здравствен дом и за лекови и за сите останати потреби на затворениците и додаваат дека нови вработувања нема.
Терапиите кои поради некоја болест треба да ја примаат затворениците им ги праќаат од дома. За жените нема гинеколог, ако имаат некои проблеми ги носат надвор од затворот.
-Немаме услови, јас боледувам од астма, а нема лекарства. Работев во кујната но поради здравствени причиини, во меѓувреме ми дијагностицираа и дископатија, оштетени ми се пршлените ја откажав работа. Во амбулантата можеме да дојдеме до само некои лекови. Бараме да одиме на лекар, оваа смена сега што се командирки најмногу не носат, а другите смени не не носат, изјави една затвореничка во разговор за МИА, која треба да отслужи петгодишна казна затвор за разбојништво, а во затворот е само неколку месеци.
Таа е мајка на четири деца и вели дека лекарствата што нејзе и се потребни и ги испраќа сопругот. –Мажот ми однадвор ми пушта пумпици, а од антидепресивни терапии немаме ништо, вели таа и додава дека има проблеми со нервите и потреба од антидепресиви.
На прашањето дали имаат психолог ни рече: „Имам отидено два пати тука кај доктор Мирко, но ништо од сето тоа“.
Амбулантата на затворот е сместена во машкиот дел, а доколку некоја од затвореничките има потреба да ја посети во тој момент сите машки затвореници се тргаат оттаму и под обезбедување се носат женските затвореници.
Во затворот има програма за лекување зависници со метадонска терапија. Секојдневно им ја делат припадниците на затворската полиција или некое медицинско лице. Ја добиваат во амбулантата на затворот.
-Во моментов имаме околу 140 затвореници на програмата на метадон, која ја добиваат редовно, се дели наутро во присуство на затворска полиција и на медицинско лице. Многу е мала можноста да можат да го препродаваат, на лице место го земаат. Многу е мала можноста да ескивираат или да го препродаваат после, изјави во разговор за МИА, директорот на затворот Мојсовски.
Управата вели на менито нови јадења – затворениците незадоволни
Затворската Управа на Идризово во разговор со екипата на МИА истакна дека храната е подобрена изминатите девет месеци, воведени се нови видови јадења на менито, се грижат таа да биде квалитетна и вкусна.
Сепак повеќето затвореници со кои разговаравме не се задоволни од храната која ја добиваат во затворот. Имаат појадок, ручек и вечера, на оние во затвореното одделение им се доставуваат еднаш во денот – трите оброка, а потоа тие самите си одлучуваат што и како ќе јадат. Јадат во ќелиите, а оние кои се сместени во отвореното одделение имаат модерна менза, каде можат сите заедно да седнат и да јадат.
Во разговор со затворениците во затвореното одделение ни кажаа дека оброците ги добиваат наеднаш, некаде околу 17 часот, јогурт имале еднаш неделно, за појадок имале леб, јајце, салама, паштета… Сметаат дека тоа е малку за да се задоволат нивните потреби за храна. Мошне често и самите си готват од намирниците кои им ги испраќаат домашните.
За храната во затворот се грижат женските затворенички. Во Женското одделение е сместена кујната каде пет затворенички готват за околу 1.100 затвореници. Лебот го месат машките затвореници. Дента кога бевме во посета на затворот на менито за ручек имаше грав, кобасици и салата од зелка. Имаат мени за секој ден од неделата.
-Не ми е тешка работата, времето тука побрзо поминува, веќе осма година работам во кујната, ни кажа една од затвореничките која тој ден го подготвуваше ручекот.
Александар Донев, правен советник на директорот на затворот, но и задолжен за ресоцијализација во разговор со екипата на МИА ни кажа дека храната се покрива од буџетот на затворот.
–Но има случаи ако запленат храна да ни ја достават. Имаме соработка со Управата за одземен имот и ако е храна во прашање ни ја отстапуваат. Исто така одиме и по зелени пазари, вели тој и додава дека затворениците добиваат храна и од надвор, од блиските во пакети кои најчесто се со тежина од десет килограми.
Ако остане од храната што се готви се дели на тој што сака репете, но тоа ретко се случува, бидејќи, како што ни кажаа во Управата, затворениците се гладни.
„Привилегирани ќелии“
По буката и тензијата, која ја почувствувавме во санитетското, старачко, но и одредени крила во главната зграда забележавме дека има и такви крила во кои како да владее поинаква атмосфера. Во едно крило на приземјето од трикатната зграда се почувствуваме како да сме влегле во некое одмаралиште, во најмала рака во некоја не толку нова бања, барем во споредба со претходниот впечаток што го добивме.
Мир и тишина, ќелии во кои се сместени по двајца или максимум четворица затвореници, имаат свој шпорет, фрижидер, нормални душеци за спиење, чисти постелнини, телевизори и тоа најчесто ЛЦД. Се забележува дека ова е „полуксузниот“ дел од затворот. Ќелиите имаат свој тоалет, со веце школка и мијалник.
Разговаравме со неколкумина од нив, претежно лежат за тешки кражби, разбојништво, некои за убиство, меѓу нив „трезористот“ на НЛБ Тутунска банка, кој во грабежот, што наликуваше на филмски, во кеса и незабележено од трезорот на НЛБ однесе околу два милиони франка и 270 илјади евра, но и обвинетиот за убиство на медицинската сестра на Детската клиника, со која бил во љубовна врска. Не сакаа да зборуваат пред камери, но признаваат дека условите тука се подобри од други крила во затворот.
Сите потребни удобности, фрижидерите, шпоретите, телевизорите, велат ги набавувале од затворениците кои биле тука, а ја отслужиле казната затвор. За 350 евра, ни посочија, можеш да си купиш пристоен шпорет, фрижидер и ЛЦД телевизор.
Во едно од крилата на вториот кат на главната затворска зграда исто така пристојни ќелии, барем за разлика од оние што ги видовме во второто крило и во „санитетското“. И тука ќелии со по двајца, максимум четворица со удобности кои ги нема во некои други делови на затворот. Еден од затворениците таму отслужуваше доживотен затвор за убиство, а друг, албански државјанин за разбојништо.
Дел од затворениците тука се муслимани по вероисповест. Имаа направено специјално место за молитва во ходникот, што ги дели левото и десното крило. На места имаше поставено и некои справи за вежбање, кои, како што ни кажаа, им ги праќаат од дома, а тие таму се рекреираат за да си ја одржат физичката кондиција.
-За странски државјани нема никаков третман, странците треба да ги обесат, изјави тој, но не сакаше да излезе пред камера. На коментарот на новинарската екипа на МИА дека сепак таму каде што тој е сместен условите се многу подобри од тие во второто крило, тој ни одговори: „За тука да дојдеш треба да подмачкаш“. На прашањето колку подмачкува одговари: „Еее сега не се кажува тоа е тајна. Вие новинарите пишувате ама тоа не вреди, чим нема промена. А тоа место каде што бевте, тоа второ крило, дали е тоа место за лежење, за живеење – тоа не е место ни за животни“, ни изјави затвореникот, албански државјаник, кој не сакаше да говори пред камера.
Како што дознавме во разговорот со затворениците во некои од тие поубави ќелии, престојувале „ВИП личности“, таму казната меѓудругите ја отслужил Љубе Бошковски.
Го прашавме директорот на Идризово дали во моментот во затворот имаат „екслузивни“ гости и каков третман добиваат, а тој ни одговори: „Ние немаме екслузивни гости. Имаме затвореници, и сите ги третираме на ист начин, согласно Законот за извршување санкции, во зависност од казната тие се сместени во одредено одделение“.
Корупција во затворот
А кога сме кај „подмачкувањето“ и корупцијата во затворот, познато е дека мобилните се строго забранети, но додека бевме во затворот и во разговор со затворениците, сфативме дека, сепак, имаат мобилни телефони.
Слушнавме секакви приказни. Повеќето за уцени и поткупувања. Бевме сведоци на понуда за нашите мобилни за кој ни нудеа 600 евра, иако реалната цена им изнесува 100-150 евра. Велат дека за да одат на доктор потребно е да поткупат некого, но не посочуваат кого, истото важело и за викенд отсуство, а велат 20 евра била посета. Се си има цена.
Признаваат дека има мобилни, дека се шверцуваат, дека се препродаваат, но откако ќе бидат фатени од затворската полиција им ги одземаат, но велат и дека и некои од управата се вклучени во тој бизнис.
Во разговорот со директорот на Идризово ни посочи дека се преземаат сите мерки за да се спречи корупцијата во затворите.
-Според Законот за ивршување санкции, мобилните телефони се забранети. Вршиме акции и спречуваме тие да дојдат до мобилни телефони, но не можам да ве лажам сигурно имаат мобилни, истакна Мојсовски.
Ни кажа дека во еден период, пред амнестијата во затворот имало 1.900 затвореници. Сите тие што изглегле со амнестијата никој не излегол надвор со мобилен. Дел од тие мобилни се оставени од тој период, од пред една година.
-За разлика од некои други, овој период во изминатите девет месеци нема одделение каде што не се прават континуирано претреси, без разлика на одделението, висината на казна, без разлика на делот на затворот, изјави Мојсовски.
Освен мобилни наоѓаат и други недозволени работи.
-Ги спречуваме, имаме континурани активности, претреси, согласно законот, се обидуваме тоа да го сведеме на минимум. Ако се фати нешто тие личности добиваат и други санкции, се пријавуваат во МВР, се води по нив друга постапка, нова кривична пријава. Во овој период од овие осум-девет месеци од кога сум јас директор поинтензивно се вршат претреси, нагласи Мојсовски.
Во затворениот дел има пет караули, со стражари на смена, но однадвор е бришан простор и како што ни кажаа затворските полицајци, кои не сакаа да говорат пред камера, пристап може да има кој било. Велат поранешните осуденици го знаат просторот и знаат како да фрлат некои забранети супстанци или предмети. Нагласуваат дека некои од затворениците внесуваат дрога на секој можен начин.
Се врши детална проверка на пакетите кои им ги праќаат од дома, но велат мошне се досетливи. На пример им испратиле лименка од сок, на прв поглед оригинал лименка, не можеш ништо да препознаеш, а внатре во неа алкохол, нешто што е забрането во затворот. Велат се протнуваат и телефони, често прават рации, но зависи и колку имаат услови за тоа.