Македонската информативна агенција во целост се огради од твитот објавен на социјалната мрежа Твитер, на нивниот вработен новинар Цветин Чилиманов, кој порано беше и уредник на сервисот на англиски јазик.
„МИА во рамки на своите надлежности ќе ги преземе сите мерки за утврдување на фактичката состојба и зачувување на угледот на Агенцијата, во согласност со законските прописи“, соопштија од информативната агенција.
Веднаш потоа Чилиманов напиша на Фејсбук дека и тој се оградува од МИА.
Чилиманов предизвика скандал и негативни реакции со повик до таксистите во Скопје да се однесуваат кон новинарката Валери Хопкинс на „Фајненшл Тајмс“ како што како ликот Чичко Кумплуг од македонскиот филм „Самоуништување“, алудирајќи на тоа дека таксистот од филмот силуваше патничка.
Повикот следи по твит на новинарката за односите на Македонија кон своите соседи.
„Таксист од Скопје кој бојкотирал: Бугарија мисли дека нашиот јазик не постои. Србија не ни ја признава црквата. Грците ни го блокираат името, а имаме проблеми и со Албанците. Ние немаме никаков проблем, сите други имаат со нас…“, напиша таа.