МИА: Лекувањето со крвна плазма сè уште во експериментална фаза, се користело за САРС, ебола, МЕРС

by fokus

Од почетокот на оваа недела во земјава почна примената на терапија со крвна плазма во лекувањето пациенти заболени од Ковид-19. На двајца пациенти кои се конвалесцентни односно се во фаза во која се носители на антителата против корона вирусот вчера првпат им беше земена крвна плазма со која треба да се лекуваат заболени.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека во следните денови, исто како и терапијата со озон која се применува во Градската општа болница „8 Септември“, крвната плазма ќе биде аплицирана на пациенти за кои експертите ќе оценат дека е соодветна за нив.

Матичните лекари согласно податоците со кои располагаат за излекувани пациенти од Ковид-19 треба да ја информираат Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби со цел да се обезбедат соодветни донори на конвалесцентна плазма.

Во овој тип лекување се користи крвна плазма од конвалесценти, односно плазма од пациенти кои оздравеле откако биле лекувани од Ковид-19. Преку инјекција, интравенозно плазмата се инјектира при лекувањето заболени од Ковид-19, кои имаат потешка форма на болеста.

Ова лекување било дел од медицинските третмани што биле користени во Хонг Конг во клинички студии за САРС од 2005 година. Терапија со крвна плазма од конвалесценти исто така била употребена за неколку вида инфлуенца и по појавата на МЕРС-КоВ во Саудиска Арабија и појавата на ебола во Африка.

Сепак, како што посочува за МИА шефицата на канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје, Џихан Тавила, оваа терапија сè уште се смета за експериментална и емпириска и сè уште не се знае многу за нејзината ефикасност.

– СЗО сè уште нема на располагање докази дека крв земена од пациенти во конвалесцентна фаза од лекувањето од САРС-Ков-2 или инфекции од други коронавируси дава резултати во третманот. Ова лекување се користи само како емпириски третман и податоците што се достапни се само од мал број пациенти, нагласува Тавила за МИА.

Во моментов, освен некои експериментални третмани, не постои лек или вакцина за превенција против Ковид-19.

Тавила нагласува дека нема фармацевтски производи или медицински процедури што се покажале како безбедни или ефективни во лекувањето на Ковид-19.

– Но, посочени се неколку лекови и други медицински процедури како потенцијални третмани и тие се во фаза на истражување. Многу од овие третмани се тестираат или наскоро ќе бидат дел од клинички тестирања, меѓу кои и тестирањето „Солидарност“, кое е коспонзорирано од СЗО и земјите учеснички, нагласува шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје.

Во ЕУ организирана програма за собирање серум од оздравени пациенти

Идејата за третман со крвна плазма не е нова. Со сè почестата појава на заразни болести се родила идејата да се формира организирана програма преку Европската Унија за собирање плазма од конвалесценти или серум од оздравени пациенти.

Употребата на крвна плазма од конвалесценти е идеја што произлегла од претходни истражувања, при што се користел ист метод и за други заразни болести, како инфлуенца, ебола…

– Европската комисија работи заедно со земјите членки на ЕУ, со Европската асоцијација за дарување крв, Европскиот центар за контрола и превенција на болести, како и со други експерти од здравството за поддршка на студија за плазма од конвалесценти за лекување пациенти со Ковид-19. Студијата се надоврзува на насоките на ЕК и релевантните институции од сите 27 земји членки за крв и крвни компоненти, нагласува Тавила за МИА.

Во ЕУ е формирана база на податоци, во која ќе се собира и ќе бидат достапни податоци за дарување плазма од конвалесценти како и за резултатите што ги покажале пациентите откако примиле трансфузија. Таа ќе вклучува и податоци во врска со оние кои дарувале плазма, процесот на собирање и компонентите на плазмата. Податоците може да бидат од клинички тестирања и од поширок мониторинг на примена на методот. Во оваа база на податоци ќе бидат содржани доказите на ЕУ за безбедноста и ефективноста на оваа терапија.

– Европската комисија (директоратите за здравство, информатика и комуникации) ја изработи базата на податоци во соработка со Европската асоцијација за дарување крв, која и ќе ја менаџира заедно со Комисијата. Исто така, Европската комисија во соработка со Европскиот центар за контрола и превенција на болести изработи документ со насоки во врска со Ковид-19 плазма со цел да се олесни заедничкиот пристап на земјите членки на ЕУ кон донирање, собирање, тестирање, процесирање, складирање, дистрибуција и мониторирање плазма од конвалесценти за лекување на пациенти со Ковид-19. Насоките, кои не се обврзувачки, се поддржани од надлежните за крв и крвни компоненти во сите 27 земји членки, појаснува Тавила за МИА.

Повеќе од 200 пациенти од 74 земји дел од клиничкото тестирање „Солидарност“

СЗО спроведува клиничкото тестирање „Солидарност“, со цел да се најде соодветна терапија за Ковид-19. Во „Солидарност“ е вклучена и Северна Македонија, а целта е да се докаже кои лекови се најефективни во лекувањето на пациенти со Ковид-19. Во тестирањето се вклучени 74 земји, а се прави споредба на четири терапии во справувањето со Ковид-19.

– „Солидарност“ е меѓународно клиничко тестирање, чија цел е да се помогне во наоѓањето ефективна терапија против Ковид-19, кое е промовирано од страна на СЗО и нејзините партнери. Преку „Солидарност“ се прави споредба на четири опции за лекување со стандардните за да се оцени нивната релативна ефективност против Ковид-19. Со вклучување пациенти од повеќе земји, „Солидарност“ има цел побрзо да открие дали некој од лековите ја подзабавува прогресијата на болеста и ги подобрува шансите за заздравување. И други лекови може да се вклучат врз основа на доказите што се појавуваат, вели Тавила за МИА.

Додава дека досега 74 земји или се вклучени во „Солидарност“ или се во процес да се вклучат, а повеќе од 200 пациенти по случаен избор ќе бидат лекувани со еден од четирите третмани.

– Секој пациент кој ќе се приклучи во тестирањето нè носи еден чекор поблиску да дознаеме кој лек е делотворен. Колку повеќе земји се вклучат, толку побрзо ќе дојдеме до резултати. Првите пациенти беа пријавени за тестирањето во Норвешка како што беше најавено од министерот за здравство на 27 март, нагласува шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје.

Клиничките тестирања исто така овозможуваат поедноставени процедури со кои им се дава и шанса и на болниците да учествуваат, а што не би можеле да го прават на своја рака поради обемот на работа.

– СЗО верува дека ова е историска меѓународна соработка и тестирањата драстично ќе го намалат времето потребно да се добијат исцрпни докази за тоа кој лек е делотворен, додава Тавила.

Ремдесивир, лопинавир/ритонавир, лопинавир/ритонавир со интерферон бета-1а и хлорокин или хидроксиклорокин се четирите опции вклучени во ова клиничко тестирање.

– Претходно, ремдесивирот бил тестиран како лек против ебола. Даде ветувачки резултати во студиите со животни за блискоисточниот респираторен синдром (МЕРС-КоВ) и тешкиот акутен респираторен синдром (САРС), кои исто така се предизвикани од коронавируси, па се верува дека може да има некаков ефект при лекувањето на пациенти против Ковид-19. Лопинавирот/ритонавирот е лиценциран третман за ХИВ. Сè уште се чека на докази за Ковид-19, МЕРС и САРС дека може да го подобри клиничкото лекување или да ја спречи инфекцијата. Тестирањето има цел да ја идентификува и потврди дали има каква било придобивка за пациентите со Ковид-19. Иако постојат индикации од лабораториски експерименти дека оваа комбинација може да има ефект против Ковид-19, оние студии кои биле изработени досега кај пациенти со Ковид-19 не дале цврсти докази. Интерферон-бета 1а се користи за третман на мултиплекс склероза. Хлорокин и хидроксиклорокин, кои се со слични, се користат за лекување маларија, како и против ревма. Од помали студии во Кина и Франција произлегоа индикации дека се можни некакви резултати од лекувањето на пневмонија предизвикана од Ковид-19 со хлорокин фосфат, но за тоа е потребна потврда од тестирања, појаснува Тавила за МИА.

Во овој момент не може да се потврди кој од овие третмани е најефикасен. Тестирањето само што започнало и се чекаат резултатите. Тестирањата се направени така што може да се додаде или отстрани лек што се покажал дека не е ефикасен.

Во врска со поплаките на оздравени пациенти, кои биле третирани со хлорокин или хидроксиклорокин, дека терапијата им предизвикала проблеми со срцето, Тавила вели дека неколку студии се во тек во светот и СЗО постојано ги разгледува резултатите преку нејзината мрежа на експерти.

Додава дека едно од тестирањата на „Солидарност“, спроведено од СЗО, конкретно ќе се концентрира и на улогата на терапии за превенција од Ковид-19 и превенција по изложеност на болеста кај здравствените работници, меѓу кои и употребата на хлорокин, за да се намали ризикот здравстените работници да се инфицираат на работното место.

Општа препорака од СЗО е да се зголеми тестирањето, Северна Македонија досега има соодветен број тестови

Досега во земјава се регистрирани 1.465 позитивни случаи на Ковид-19, излечени се 738 лица, а починале 77 лица. Извршени се вкупно 16.436 тестирања. Во мометов се активни 650 случаи. Општата препорака на СЗО е да се зголеми тестирањето за Ковид-19. Земјите треба да ги адаптираат своите стратегии на сценаријата за вирусна трансмисија, капацитетот и контекстот според нивото на ширење на вирусот.

– Тестирањето е единствениот начин да се определи во која фаза е епидемијата. Досега, Северна Македонија има соодветен број тестови и активностите за тестирање се на задоволително ниво. Се разбира, тестирањето треба да продолжи со процедурите за изолација и карантин за оние чии резултати се позитивни, истакнува Тавила за МИА.

Сепак, потенцира дека е важно да се сфати дека достапноста на лабораториски тестови не е единствениот аспект на надзор и дијагностицирање, туку тоа е исто и процесот на истражување и идентификување.

– Би сакала да оддадам признание за силниот одговор на Северна Македонија од здравствен аспект преку Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје низ земјата за истражување, идентификување и наоѓање на контактите покрај тестирањето, кои се важни за спречување на ширењето на Ковид-19, истакнува шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавила, за МИА.

Поврзани новости