Миа Костова, во минатото водителка, а денес една од највлијателните инфлуенсерки во земјава, деновиве покажа која е вистинската цел и насока на инфлуенсерството, поим кој кај нас е релативно нов, и неретко погрешно протолкуван.
За тоа дека да се биде инфлуенсер, што за многумина е измислена професија или хоби, не е доволно само да се објавуваат интересни фотографии, туку и конкретно да се делува за подигање на солидарноста и да се преземат чекори со кои интернет популарноста ќе се искористи во општествено корисни акции, сведочи и нејзината последна мисија.
Имено, Костова на својот профил објави апел за помош на десет-годишно момче, Никола, на кое му биле потребни финансиски средства за операција.
За само 24 часа по објавата биле собрани околу 4.000 евра, а како што извести Миа, жена која сакала да остане анонимна донирала 10.000 евра за Никола.
Таа порача дека е горда што заеднички се поместени граници со цел да му се помогне на Никола, и откри дека над 200 луѓе и над 200 мали бизниси донирале производи и услуги.
Во годиниве наназад, откако стана препознатлива како инфлуенсерка, Миа често пати беше ставена на тапет, најчесто од оние кои не беа упатени, или пак едноставно ги игнорираа нејзините хумани мисии, и беше критикувана поради свои објави, но и поради својата самодоверба, која на многумина неретко им е трн во око.
Иако од рана младост таа е самостојна и сама заработува за живот, а откако го доби синот Андрија е посветена самохрана мајка која храбро чекори низ секојдневието, остро критикувајќи ги изместените општествени норми и секојдневието во кое живееме, таа многу пати била мета на линч на социјалните мрежи.
За тоа дека гласните и самостојни жени без влакна на јазикот, па ако притоа се и и убави, се омилена мета на ,,безгрешните” моралисти има многу примери во земјава.
Сепак, со последните случувања, кога за еден ден се реши финансискиот проблем на семејството на малиот Никола, и тоа со помош на добро насоченото и искористено инфлуенсерство, Миа уште еднаш покажа дека силните жени можат со збор да поместат и планини.
Вики Клинчарова