По првата рунда разговори помеѓу земјите членки на ЕУ за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија, финското претседателство на маса официјално го стави раздвојувањето на преговарачкиот процес на двете земји, објави државната агенција МИА.
Од МИА посочуваат дека оваа информација им ја потврдиле дипломатски извори од три земји членки на ЕУ, меѓутоа воедно француски дипломатски извори тврдат дека речиси нема никакви шанси Франција да го прифати предлогот.
Инаку, по првата рунда разговори, која започна околу 11 часот, секоја од земјите членки на ЕУ ги презентирале своите ставови, без никаква промена во однос на претходните денови.
Франција цврсто се спротивставува на почеток за преговори со која било земја, додека неколку земји членки имаат „поголем проблем со Албанија“, отколку со Северна Македонија.
Во врска со Холандија, пак, дипломатски извор за МИА истакнал дека има разлики помеѓу холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок и премиерот на оваа земја Марк Руте, односно едниот е за одвојување, а другиот не прифаќа ваква варијанта.
Делегациите имаат сега околу еден час да размислат и да ги подготват своите позиции, по што ќе започна втората рунда разговори.